Првиот бар во Куманово

Сподели со своите пријатели

Со изградбата на Хотел Кристал во Куманово пред околу 60 години се наметнало барањето во овој угостителски објект да се изгради и бар. Требало да се чека подолго време, бидејќи во приземјето на хотелот се јавиле подземни води, кои го спречувале доизградувањето на оваа сала.

Loading...

Кон почетокот на 1965 година бил спремен новиот бар. За изградба и адаптација на просторијата биле потрошени 17 милиони динари. Барот бил модерно уреден, располагал со целокупен мебел, помошни простории и климатски уреди. Имал 120 седишта и доволен број сепареа.

Се предвидувало да има постојана музика и вариете програма, која била неопходна за целосно опремениот бар. Интересот на граѓаните за отворањето бил голем и сите се надевале на негово успешно функционирање.

Барот официјално започнал со работа на 16 февруари 1965 година. Таа вечер се случила и една несекојдневна тепачка. Околу 03:30 часот атмосферата станувала повесела од гостите кои биле загреани.

На една маса седеле гостите од Скопје Душан Попопвиќ, Боро Вулиќ и нивната пријателка Нада Поповиќ и сите биле во алкохолизирана состојба. При таква состојба и најмал поглед од кумановецот Душко Спасовски кон нивната пријателка бил доволен љубоморниот Боро Вулиќ да биде предизвикан и да се упати кон масата од каде што дошол погледот. Приближувајќи му се на Душко, Боро Вулиќ извадил нож и му се заканил дека ќе го избоде целиот ако уште еднаш погледне кон нивната маса. Притоа настанала расправија која прераснала во крвава тепачка. Во барот почнале да летаат шишиња, чаши и столици. Тепачката по неколку минути ја расчистиле дежурните милиоционери од градот.

На сослушувањето во судот, осумината приведени кои учествувале во настанот се изјасниле дека за сето тоа се виновни гостите од Скопје, меѓутоа судијата за прекршоци на сите им изрекол времени казни од по 15 дена затвор, а студентката Нада Поповиќ која била инцијатор на целиот инцидент, судот ја казнил со 5.000 динари.

Извор: „Наш весник“ број 79 (понеделник, 1. февруари 1965. година)

Leave a Reply