Први процедури на аблација на преткоморна фибрилација изведени на УК за Кардиологија, Скопје

Сподели со своите пријатели

Во периодот од 7 до 8 октомври 2021 година на УК за Кардиологија, за првпат во Република Северна Македонија беа направени процедури на радиофреквентна аблација на преткоморна фибрилација со помош на 3Д мапинг систем од страна на експерти аритмолози-електрофизиолози, со сто отстотна успешност.

Loading...

Медицинскиот термин преткоморната фибрилација (ПФ), всушност претставува аритмија која е најчеста во светски размери, со преваленца од 2 до 4% од вкупната популација. Истата е поврзана со зголемена смртност за 1,5-3,5 пати, зголемена појава на исхемичен мозочен удар (>20-30%), зголемена појава на срцева слабост (>20-30%), намален квалитет на живот кај повеќе од 60 отсто од пациентите, но и зголемување на хоспитализациите за 10 до 40 отсто кај пациентите кои живеат со преткоморна фибрилација.
Радиофреквентната аблација (РФ) на преткоморната фибрилација пак, претставува минимално инвазивна техника која се изведува во површна седација, преку пункција на десната феморална вена и понатаму транссептална пункција за премин од десната кон левата преткомора, каде со помош на 3Д мапинг систем се прави анатомска реконструкција на левата преткомора, од каде потекнува преткоморната фибрилација.

Потоа, со помош на аблативен катетер се прави радиофреквентна изолација, со енергија од 50W, на отворите на четирите белодробни вени кои влегуваат во левата преткомора (Pulmonary vein isolation (PVI) with radiofrequency (RF) ablation).

Оваа револуционерна техника овозможува ослободување од преткоморната фибрилација и намалување на компликациите со процент на непосредна успешност од 95 до 99 отсто. Кај повеќе од 80 отсто од пациентите, отсуството на преткоморна фибрилација се забележува и по период на следење од 12 месеци, што јасно укажува на високата успешност на техниката.

Интегрално соопштение: Министерство за здравство