Протест против пресудите во случајот „Дива населба“

Сподели со своите пријатели

Заврши протестот во Скопје против пресудите за обвинетите во случајот „Дива населба“. Протестот беше мирен, поддржан од семејствата на обвинетите кои на плоштадот „Скендербег“ пред помал број граѓани побараа хуман и праведен процес базиран на меѓународните закони и конвенции.

Loading...

Од плоштадот Скендербег“ протестот продолжи пред Кривичниот суд каде заврши. Иако првично беше најавено, учесниците на протестот не се упатија кон Собранието на Република Македонија.

Претседателката на Советот на семејствата на обвинетите од Косово Дашурие Сефа изјави дека пресудите со 20 и 40 години затвор и со доживотен затвор се неприфатливи. Бараат, како што рече, настаните од 9 и 10 мај да се истражат од меѓународни органи бидејќи, според нив, во целиот настан директно се инволвирани државни структури.

– Истрагата на местото на настанот не е направена според македонските закони, туку по нарачка на криминалната власт, изјави Сефа.

Организаторите посочија дека денешниот протест е поддржан од повеќе невладини организации, но не и од политичките партии.

По завршувањето на протестот сообраќајот беше нормализиран. За време на протестот забележително беше зголемено присуство на полицијата, а сообраќајот во централното градско подрачје во Скопје беше пренасочен.

За настаните во кумановската Дива населба во мај 2015 година, Кривичниот суд им одреди на обвинетите осум доживотни казни затвор, 13 казни по 40 години, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13,  две по 12 години затвор и четири ослободителни пресуди.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Текст: МИА / фото: Newsroom