Продолжува сувото време и загаденоста на воздухот

Сподели со своите пријатели

Во текот на ноќта и изутринава имавме ведро и претежно тивко и студено. Сончево со слаб северен ветер ќе бидат временските прилики и во текот на денот, според синоптичарите од Управата за хидрометеоролошки работи.

По одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13 степени.

Во Куманово и ооколината денеска ќе имаме претежно сончево и тивко време со слаб ветер од северен, односно североисточен правец. Максималната дневна температура ќе се искачи до 6 степен, а исто толку под нулата ќе изнесува и во текот на ноќта. Загаденоста на воздухот и утринава беше доста висока, и изнесуваше 155 микрограми на метар кубен воздух од ПМ10 честичките или пет пати над дозволеното. Воздухот седум дена по ред во Куманово е во црвената максимално загадена фаза.

Во наредните денoви под влијание на поле на висок воздушен притисок и стабилна воздушна маса ќе се задржи стабилно и суво, односно претежно сончево време. Утрата ќе бидат ведри и студени, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Ќе дува слаб, а кон средината на неделата и умерен ветер, претежно од северен правец. На повисоките места и на планините ќе биде нешто потопло во однос на котлините.