Потпишан договорот за најдобар сувенир во градот

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово и компанијата „Сигнум“ денеска во рамките на програмата за промоција на туристичкиот потенцијал на градот, го потпишаа договорот со кој локалната самоуправа ќе го награди најкреативниот, но и ќе набави 15 примероци од пафта од колан на народна носија – што беше прогласена за најдобар сувенир на Куманово.

 

Loading...

 

Како што посочи градоначалникот Зоран Дамјановски од шест примероци на конкурсот, жири комисијата го избрала овој сувенир кој треба да не претставува како град со традиционални и етнолошки вредности.

Јас денеска го потпишав договорот со добитникот, лауреатот би кажал, на овој конкурс. Тоа е човек кој има таква профилација и семејна уметничка традиција, така тоа се гледа дека е вешто изработено. Благодарност од мене. Договорот предвидува награда од 30.000 денари за добитникот на најдобар експонат, сувенир, меѓутоа во договорот стои дека тоа студио треба да изработи 15 такви сувенири кои ќе бидат дел од пропагандата на општината и ако тоа видиме дека на некој начин добро не промовира, наредниот период како општина тоа можеби ќе го мултиплицираме за да можеме како општина да се презентираме со некои вредности од фолклорот, етнологијата, бидејќи идентитот на еден народ, а пред се спецификата на еден регион се базира на спецификите на фолклорот, етнологијата и она што го одделува од другите заедници – изјави градоначалникот Дамјановски.

 

Креаторот на најдобриот сувенир во градот, Виктор Величковски, се надева дека ќе има интерес за кумановската пафта која е изработувана со големо внимание и интересни материјали.

Мое беше да направам некој обид на некоја реплика, на некоја си народна ракотворба која е одраз на овој крај и која мислам дека достојно како сувенир ќе го претставува овој крај. Коланот е дел од женска пафта, тоа е дел од македонска носија, присутен е кај сите народи и народности на овие простори, значи пафта како украс женски е дел од сите тие носии. Има и мултиетничка и мултиконтекстуална димензија и се надевам дека ќе има задоволство од самото присуство на ваков сувенир кој можеби ќе значи почеток на овој процес да се изработат и некои други наменски работи кои ќе бидат од интерес и за општината и едноставно за сите што имаат потреба од оваков сувенир – вели Величковски.

 

Материјалот е изработен од специфични материјали кои може да се превиткуваат, а истиот има и позлатени ливчиња. За изработка на еден примерок од овој сувенир, според Величковски може да бидат потребни и неколку месеци.