23.05.2018 13:01

Поднесено обвинение против повеќе лица за убиството на кумановецот во Мала Речица

loading...

Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против вкупно 13 лица за учество во вооружениот инцидент во Мала Речица на 05.04.2018 година, во кој едно лице го загуби животот, а неколкумина беа повредени.

Против четири лица е поднесен Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој  едно лице се товари за кривично дело Убиство од член 123 ст.1 од Кривичниот законик и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 ст.1 од Кривичниот законик. Три лица се товарат за кривично дело Убиство во обид од член 123 ст.1 во врска со член 19 од Кривичниот законик и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 ст.1 од Кривичниот законик.

Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.

Против останатите девет лица Основното јавно обвинителство Тетово поднесе Обвинителен предлог со кој сите се товарат за кривично дело Учество во тепачка од член 132 ст.1 од Кривичниот законик. За осуммина обвинети, надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерки на претпазливост, додека за едно лице предложи определување мерка притвор до правосилност на пресудата, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија.

Во текот на истрагата, јавниот обвинител утврди дека обвинетите лица биле дел од две меѓусебно спротивставени групи, кои по претходен договор и заради претходна меѓусебна нетрпеливост, со возила дошле на местото на инцидентот во Мала Речица. Петмина, меѓу кои и починатото лице, биле вооружени со пиштоли, по што дошло до меѓусебна вербална расправија која прераснала во тепачка и употреба на  огнено оружје. Освен пиштоли, во тепачката биле користени бејзбол палки, секира, нож и други предмети.

Обвинението на Основното јавно обвинителство Тетово​ е поткрепено со прибран опсежен доказен материјал, резултати од поголем број вештачења, анализи на траги од оружје и траги од биолошко потекло, како и обезбедени видео записи од надзорни камери.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments