Поделени мислењата на кумановци за промена на името на државата

Сподели со своите пријатели

Поделени се мислењата на граѓаните на Куманово по договорот кој го потпишаа Македонија и Грција за решавање на над дведеценискиот спор за името, а кој предвидува Северна Република Македонија да биде новото државно име.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.  Македонија, според договореното, до крајот на годинава ќе треба да усвои и амандмани на Уставот.

Денеска ги прашавме кумановци што мислат за ваквите промени кои ги предвидува договорот во однос на името. Едни велат дека тоа е добро за младите и за подобра перспектива на државата, другите пак велат дека ги боли тоа што се менува името на нивната татковина.

– Идиотизам е тоа што некој го поставува името како проблем и целиот свет и сите надлежни се заземаа, многу е тешко да си слаб и мал, како ќе ти кажат така ќе направиш, подобро да се сложиш, околку да се инаетиш, вели еден постар кумановец.

– Верувам дека Владата на Република Македонија прави сигурен чекор, мислам дека со промената на името ќе добијат најмногу младите, идните генерации, затоа што тоа ќе значи влез во Европа и НАТО, вели една кумановка.

– Што можам да мислам, како и претседателот на државата што мисли, искрено да ви кажам дека ме боли и срцето и душата, на 80 години јас се разбудив како Северномакедонец, вели друг кумановец.

– Јас се сложувам со промената на името. Овие млади нека видат нешто, ние старите ќе седиме на клупа и ќе одмараме, но овие млади нека одат напред. Без промена само нема напред, само назад, само може белја да се направи со тие протести. Ќе се искажеме на референдум, тоа е најмеродавно, што ќе протестираат и ќе прават велји нека излезат на рефенредум и нека го каже своето, никој не го прашува јавно, таму ќе каже или е за или е против, вели средовечен кумановц.

– Што ме мене прашувате, прашајте ги овие младите. Моето мислење е позитивно, така треба да биде.

– Ако една нација изгуби идентитет, значи дека нема сопствено име, за мене тоа е катастрофа. Јас по националност сум Србин, но требаше Македонците да станат сите и да си го заштитат името, толку од мене, инаку во Македонија треба да се остават политичарите да ги решаваат сите работи, ние сме 2 милиона луѓе, а имем два и пол милиони политичари, секој води политика и затоа не се знае ништо, вели еден 50-годишен кумановец.

Со Договорот се признава македонски јазик, како дел од групата јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, во сите патни документи. Грција треба да го ратификува Договорот во Парламентот и се обврзува да не приговара на барањата за членството на Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои таа членува.

Во рок од шест месеци Македонија ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на Грција, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.

Во рок од еден месец страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.

Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт.

Leave a Reply