Почнува кампањата за Локалните избори 2017

Сподели со своите пријатели

Партиите, коалициите и независните кандидати кои ќе учествуваат на локалните избори што треба да се одржат на 15 октомври годинава, од денеска ја почнуваат 20-дневната изборна кампања.

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври во 24 часот.

Со жрепка во Државната изборна комисија беше утврден редоследот во единствената листа на кандидати на гласачките ливчиња за претстојните локални избори.

Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Прва на гласачкото ливче ќе биде СДПМ, втора Коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета ДУИ, четрврта Коалицијата за Битола – ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта Коалиција Заедно за Гази Баба предводена од БЕСА, шеста НДМ, седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Народно движење на Турците, деветта Алијанса на Албанците, 10-та е ТМРО, 11-та е Демократската парттија на Турците, ГРОМ е 12-ти, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13-та, БЕСА е 14-та, ДПА е 15, Левица е 16, ПДП е 17, Сојуз на Роми е 18, а СДСМ е 19-та.

Листите на кандидати за членови на совет и листите на кандидати за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител ќе имаат ист реден број во сите општини.

Во општината каде што нема свој претставник соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Вчера кандидатите за градоначаници потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Синхоронизирано на различни локации Кодексот го потпишаа и кандидатите за градоначалници во сите општини во Скопје и во целата држава.

Со овој Кодекс учесниците на локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани на РМ, дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат овој Кодекс, дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи на РМ, кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваат владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.

Извор: МИА

Loading...