Почина Димитар Масевски, публицист и хроничар на Куманово

Сподели со своите пријатели

На 73-годишна возраст, вчера почина Димитaр Масевски, публицист, историчар, есеист и хроничар на градот Куманово.

Loading...

Роден е во Куманово во 1947 година. Филозофски факултет, група историја завршил во Скопје во 1973 година.

Извршувал повеќе значајни функции: од 1976-1986 директор на Историскиот архив во Куманово, од 1986-1999 е главен и одговорен уредник на НРИО „Наш весник“, во кој делуваа весникот „Наш весник“, Радио Куманово, а од 1994 година и Телевизија Куманово. Покренувач е и претседател на Друштвото за наука и култура „Парадигма“ и главен уредник на списанието „Корени“.

Повеќедеценискиот истражувачки интерес на Димитар Масевски, беше втемелен во изработката на трудови, изданија, монографии посветени на градот Куманово, базирани врз архивско и теренско истражувачко искуство.

Извонредно значајни се неговите заслуги во својство на главен и одговорен уредник на полијазичното и интердисциплинарно списание „Корени“, едитирано заклучно со специјализираните броеви 53 и 54 насловени: „Куманово – Сјајот од минатите времиња/Култните кумановски јавни градби и дел од старата амбиентална архитектура (историски приказ)“, по повод 500 години Куманово (1519-2019). Автор е на повеќе изданија: на монографијата за Куманово (во коавторство со Миодраг Арсовски-Болто) во 1996, 2004; на публикацијата „Витражите на Куманово“ (2004, 2006 второ издание), на културолошки профилиранта монографија „Кумановска кафеана“, на бројни колумни, фељтони, историски прикази за градот Куманово објавувани на страниците на „Наш весник“, „Беседа“, „Корени“ итн.

Потеклото на авторот, работата и животот во градот Куманово, ја одредуваат и неговата пасионирана посветеност врз проследување на општествените, политичките, социолошките фактори кои влијаеле врз неговото културно живеење.

Во Димитар Масевски градот Куманово го имаше најпасионираниот хроничар. Материјалите во неговите изданија и покрај научно-истражувачката димензија  никогаш не се суво докуметирани, доближени се непосредно до граѓаните на Куманово, бидејќи тие го носат менталитетот и духот на градот со што сугестивно во записите се поистоветува Масевски.

Куманово во неговите монографии низ бројните написи, фотографии и факсимили е доловен како простор низ кој истовремено поминуваат времињата и луѓето со нивните јавни манифестации и лични судбини, во чиј јавен градски простор се мешаат и судираат лингвистиката, историјата, економијата, културата, приватноста…

Loading...

Во неговите прилози се редат голем број топоними, локалитети, објекти, нејмари, архитекти,  автори, жители на градот. Неговите  монографии се извонредни водичи и прирачници за секој кој пројавува желба за исцрпно, но и за информативно запознавање со градителско-цивилизацискиот,  историскиот и приватниот живот на Куманово.

Со своите хроничарски навраќања Масевски имаше интенција да ја генерира визијата за натамошен развој на градот, како завештание до потомците и идните поколенија.

Димитар Масевски беше пример за минуциозен аналитичар, иновативен покренувач на проекти од областа на културата со творечко љубопитство, со изразита комуникативна дарба, а за нас кои го познаваме беше секогаш интересен собеседник.

Слава му!

Маја Јакимовска-Тошиќ

Leave a Reply