Пешиќ-Бошковска: Недела станува ден на неделен одмор

Сподели со своите пријатели

„Недела станува ден на неделен одмор и со тоа правиме уште еден исчекор кон унапредување на работничките права и социјалната правда и ја продолжуваме грижата и поддршката за работниците како приоритет на Владата“, рече на прес конференција Катерина Пешиќ-Бошковска, портпарол на Општинската организација на СДСМ Куманово.

Loading...

Измените во Законот за работни односи, како што појасни таа, налагаат и измени и дополнување на Законот за трговија, со цел  создавање законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор, во недела и на празници и се елиминираат можните злоупотреби во однос обезбедување на користењето на ова право.

– При тоа како и во Законот за работни односи, така и во Законот за трговија се определува неделата како неработен ден за сите, освен за одделни исклучоци за кои ќе биде дозволено работењето во недела и на празници. Вработените во секторите кај кои не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес, ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50% од редовната и слободен ден во наредните седум дена, изјави Пешиќ-Бошковска.

Со Предлог-законот за трговија, појаснува таа, предвиден е додаток на плата за работа во недела и на празници, кој работодавачот (трговец) ќе треба да им го исплаќа на вработените и да изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.

– Исто така за трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници се утврдува надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во  недела и на празници, средства кои ќе се инвестираат во нови детски градинки согласно закон, вели портпаролката на СДСМ Куманово.

Законското решение недела – ден на неделен одмор започнува со имплементација од 1 октомври оваа година.

Никола Ивановски

Leave a Reply