Перо Шварц – кумановецот кој фудбалските терени ги заменил со бојно поле

Сподели со своите пријатели

Ако на интернет го внесете името Перо Шварц нема да добиете никакви информации освен дека тоа денеска е улица во Куманово. Меѓутоа, тој бил голем човек, љубител на спортот, фудбалер кој фудбалската топка ја заменил со пушка и тргнал да се бори против окупаторот во Народноослободителната борба во кумановскиот крај.

За него во 1961 година пишувал кумановскиот „Наш весник“. Неговото целосно име е Перо Василевски, а Шварц му бил прекарот. Играл лево крило за некогашниот тим на „Славија“ и оставал впечаток на примерен и скромен човек, мирен и сакан од секого.

Еден од неговите најистакнати настапи во дресот на Славија бил на натпреварот против екипата на Македонија. Натпеварот завршил со 7:0 за Славија, а четири голови постигнал токму Шварц.

Но, фудбалската топка за кратко време Шварц ја заменил со пушка. Го напуштил спортот и тргнал во гората, меѓу партизаните, во борба против окупаторот. Се приклучил кон XI македонска бригада и учествувал во сите борби што таа ги водела.

„За покажаната храброст во борбите Шварц добива митралез. Со него, тој покажува нечуена храброст. Тој е прв во борбата, а отстанува последен за да ја заштити отстапницата на својата единица“, пишува спортскиот новинар Д. Калиниќ во „Наш весник“.

На 5 септември 1944 годинаво Страцин бригадата на Шварц се подготвувала за борба. Селото било опколено, а во него бил бугарскиот окупатор. Целиот ден се воделе тешки борби. Во вечерните часови еден непријателски куршум бил кобен за Перо Шварц.

„Падна преку својот толку сакан митралез, го стегна како да се плашеше дека непријателот ќе му го одземе. Тука зад каменот во Страцин престана да чука едно храбро срце на спортист и борец, тука загина Перо Василевски – Шварц, пишува Калиниќ.

Извор: „Наш весник“ број 1 (среда, 11 октомври 1961. година)

Leave a Reply