Павловски: На граѓаните им е доста од црна пропаганда, тие сакаат да знаат што ќе биде реализирано во следните 4 години

Сподели со своите пријатели

Кандидатот за советник во идниот Совет на општина Куманово Николај Павловски денеска одржа прес-конференција на која информираше дека во текот на изборната кампања за локални избори во Куманово не само што поединци од централната власт и членови на раководни функции се служат со притисоци врз граѓани и членови од нашата граѓанска иницијатива, туку исто така тие се служат и со лаги и дезинформации кои имаат за цел да направат штета врз угледот на кандидатите, само за да добијат глас плус повеќе на нивно конто.

Loading...

Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

 

 

Овие денови слушаме голем број на неточни обвинувања од нивна страна.

Дезинформираа дека сме правеле притисок врз вработени во јавната администрација и сме ги злоупотребувале институциите во пресрет на изборите.

Но, со докази излеговме дека токму оние што не обвинуваат, вршат злоупотреба на својата позиција. Обелоденивме со докази дека испраќаат смс пораки и вршат притисок на вработени во државните институции за да доставуваат списоци со 10 до 15 гласачи.

Loading...

Не обвинуваа дека кандидат за советник вршел поткуп за гласови. Но, од самата снимка јавноста јасно виде дека станува збор за притисок и организиран напад врз наши советници, како и изнудување на парични средства кои директно ги одбивме. За овој случај, поднесовме и пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес.

Говореа невистини и дека кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски купувал земјиште во период кога е градоначалник на општина Куманово. Ова е апсолутно неточно! Земјиштето коешто го купил Димитриевски е во периодот 2009/2010 година кога се вратил од работа од Ирак и кога не бил
активен во политиката.

Лага е и дека Димитриевски возел нерегистрирано возило. Вистината е дека тој бил следен низ улиците во Куманово од возило на Министерството за внатрешни работи подолг временски период, директно од возачот на началникот на СВР Куманово Стојанчо Величковиќ. Потоа, полицијата ги застанала без никакво образложение и им ги земала документите на него и лицето коешто во тој момент го придружувало.

Со одземени документи, како да е најголем криминалец се упатиле да спроведат наводно вршење на технички преглед на возилото. Патем, возилото не е службено, тоа е возило на лизинг компанија, со коешто се има склучено договор на користење и истото се користи со полномошно. Возилото е ново и технички исправно, со уредна документација согласно сите законски нормативи и прописи. На „диво“ Димитриевски не возел, затоа што бил сопатник.
Но, оваа лага мора да биде пласирана во јавноста само за да се креира поинаква слика и да се одземат гласови од граѓанската иницијатива. Како најнова дезинформација која ја пласира кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Оливер Илиевски само за да победи на изборите е за наводна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за распределба на јавни претпријатија. Нашата граѓанска иницијатива „За наше Куманово“ нема направено коалиција
со ниту еден политички субјект.

Во првиот круг не поддржаа граѓаните затоа што веруваат дека нашиот концепт е вистинскиот избор за кумановци.

Поради страв од пораз, кој им го наговестија граѓаните на 17-ти Октомври, во обид да се наруши угледот на независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски и да се влијае на резултатот, во континуитет се изнесуваат и пласираат невистини и лаги во емисии, на социјални мрежи и други форми на комуникација преку организирана и испланирана црна пропаганда.

На граѓаните им е доста од кампањите со црна пропаганда. Во 21 век, повеќе не поминуваат дејствијата со закани и местенки за добивање на политички поени.

Граѓаните добро знаат кој е нивниот сегашен и иден градоначалник и тие повторно уште посилно на 31-ви октомври ќе му ја дадат довербата на Максим Димитриевски.

Loading...

Граѓаните сакаат да слушнат што ќе биде сработено во следните четири години. Тие сакаат да бидат сигурни дека ќе имаат градоначалник и општина кои вистински ќе се грижат за нив. Политиката е натпревар на идеи и визии за подобрување на состојбите, а не за црна пропаганда.

Ние одбравме да им служиме на граѓаните и да им ја презентираме програмата која имаме за цел да ја реализираме по победата. Куманово мора да биде европско и модерно место за живеење, кое ќе биде гордост на кумановци.

На 31-ви октомври победуваат граѓаните и концептот „За наше Куманово“ со што ќе бидат поразени оние кои целата кампања ја имаат насочено кон црна
пропаганда, притисоци, дезинформации.