Павел: Западот не треба да покренува нереални очекувања од Украинците

Сподели со своите пријатели

Новоизбраниот претседател на Чешка, пензионираниот генерал Петр Павел денеска предупреди дека Западот треба да продолжи да му помага на Киев со сите расположливи средства, но дека не смее да ги подигне очекувањата и надежите во Украина кои не можат да се исполнат и за кои нема реална основа.

Loading...

„Украинците умираат и ќе продолжат да умираат. Може да се случи самите да проценат дека цената за ослободување на дел од окупираната територија е превисока, а средствата недоволни. Таква одлука можат да донесат само самите Украинци и никој не треба да ги турка на отстапки додека има реални шанси за победа, но ниту да имаат нереални очекувања и надежи во време кога за нив нема реална основа “, изјави Павел за чешкиот дневен весник „Точно“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го критикуваше генералот Павел за слични предупредувања за време на безбедносниот форум во Минхен овој викенд и апелираше до Западот да не ја губи вербата во Киев, пренесува Бета.

Во една од дебатите во Минхен, Павел предупреди дека треба внимателно да се одредат целите за да се стави крај на војната во Украина, дека ослободувањето на целата територија на Украина, вклучувајќи го и Крим, исто така може да доведе до колапс на Русија.

Како што рече, тоа би предизвикало низа нови проблеми, да речеме дека нема да има некој со кој би можел да преговара за безбедносните гаранции и идната безбедносна архитектура на Европа или разоружување.

„Во никој случај не оспорувам дека мора да продолжиме да ѝ помагаме на Украина со сите расположливи средства до поразот на Русија на украинска територија. Ова значи и брза и ефикасна испорака на оружје. Но, како поранешен војник не сакам да ме водат надеж или верба. Претпочитам реален поглед, анализи базирани на факти. Навикнат сум да разгледувам различни опции и да бидам подготвен за најлошото“, му одговори новоизбраниот чешки претседател на Кулеби во весникот „Право“.

Павел праша, за време на форумот во Минхен, на билатералната средба на францускиот претседател Емануел Макрон, каква е точно француската визија за исходот од војната.

„Франција засега нема конкретна идеја. Се двоуми помеѓу целосното ослободување на територијата како што е замислено од сегашното украинско раководство и некаков компромис кој, сепак, тие конкретно не го опишуваат. Претседателот Макрон е убеден дека мора да преговараме со Путин кога ќе бидат соодветни условите. Но, и тие услови не се прецизирани“, вели Павел во интервјуто што денеска го објави весникот Лидове новини.

Loading...

Генералот Павел, поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, оцени дека е речиси невозможно украинскиот и рускиот претседател да седнат на иста маса за да преговараат.

„Не можам ни да замислам дека мнозинството земји од НАТО би ги поддржале тие преговори доколку конфликтот продолжи. На ниво сме на очекувања, а не на планови“, изјави Павел за Лидове новини.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.