Френсис, кој беше критичен и за насилството во израелската воена офанзива во Газа и за руско-украинската војна, не прецизираше на кои конфликти мислеше во своите забелешки.
„Трагично е – и тоа го гледаме речиси секој ден во последно време – деца умираат под бомби… тоа е неприфатливо“, рече Папата. „Убивањето деца значи негирање на иднината“, посочи тој.
Ватикан, кој е потресен од скандали за сексуална злоупотреба на деца во земјите ширум светот во последните децении, покани голем број светски лидери на еднодневна конференција во понеделник на која ќе се разговара за правата на децата.
Говорници се јорданската кралица Ранија, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани и поранешниот индонезиски претседател Мегавати Сукарнопутри.
Франциско ги засили критиките за воената кампања на Израел во Газа во последните месеци, пред договорот за прекин на огнот во јануари.
Во своето годишно божиќно обраќање до кардиналите кои раководат со одделенијата во Ватикан, Папата се осврна на израелските воздушни напади извршени еден ден претходно во кои загинаа најмалку 25 Палестинци во Газа.
„Децата беа бомбардирани вчера“, рече Френсис.
„Тоа е суровост. Тоа не е војна. Сакав да го кажам тоа затоа што допира до срцето“.
Франциско пред неколку недели ја нарече хуманитарната ситуација во палестинската енклава „многу сериозна и срамна“.
Во својот говор во понеделникот, Папата го осуди и бројот на раселени деца поради глобалните конфликти, кој Обединетите нации го проценуваат на околу 38 милиони.
„Тука сме денес да кажеме дека не сакаме ова да стане ново нормално“, рече Папата. „Одбиваме да се навикнеме на тоа.“
Папата, кој силно ги критикуваше антиимиграциските мерки на американскиот претседател Доналд Трамп, ги спомна и децата без документи на границата меѓу САД и Мексико.
Тој рече дека тие се „првите жртви на тој егзодус на очај и надеж што го направија илјадници луѓе кои доаѓаат од југот во Соединетите Американски Држави“.