31.10.2017 15:22

Осум години затвор за убиецот на кумановецот Бојан Илиевски


Даниел Д. 30 годишен од Куманово е прогласен за виновен од Кривичниот совет при  Основен суд Куманово предводен од судијата Савре Спасовски и осуден на осум години казна затвор по член 123 став 1 од КЗ на република Македонија за убиство на Бојан Илиевски – потврди Даниела Реља, судски соработник при Основен суд Куманово.

Убиството според обвинението се случило на 26 јуни минатата година. Убиецот и убиениот биле другари, а  по полноќ, заедно заминале во кругот на црквата „Света Мина“. Заедно седеле на клупа кога Даниел  со  пиштол испукал еден куршум во Бојан, a потоа го фрлил телото во бунарот.

Осудениот пред судскиот совет  го негирал обвинението,  тој изјавил дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари. Според неговата изјава  Бојан извршил  самоубиство, а како се нашол трупот  во бунарот , не знае. Вели дека откако се застрелал Бојан тој се испаничил и побегнал.

Пиштолот не е пронајден.

Бојан беше пријавен за исчезнат од неговото семејство. Тие во потрага по Бојан ги пронашле само неговите два мобилни телефони кои биле скршени и фрлени. По пет дена од жители на Добрашане било пријавено дека има леш во бунарот кој се наоѓа во близина на црквата.

Неговите другари тогаш изјавија дека последен пат Бојан бил виден во друштво на Даниел,  кој им кажал дека  со кола наводно го оставил  Бојан кај Бејтови ниви.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments