Општина Куманво распиша конкурс за Ноемвриска награда

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово и годинава, по повод 11-ти Ноември – Денот на ослободување на градот, ќе ја додели Ноемвриската награда, како највисоко општествено признание што се доделува за посебни достигнувања во одредени области.

Loading...

Право на предлагање на кандидати имаат претпријатија, установи, здруженија, месни заедници, група граѓани и поединци,  информира претседателот на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди во Советот на Општина Куманово, Сашо Милковски.

-Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие што дело, односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период. Делата односно достигнувањата треба да бидат достапни до 11-ти  Октомври, авторот на делото да биде жител на општината, претпријатието, установата, заедницата да се од Куманово, а делата и постигнувањата треба тематски да бидат врзани за градот. Има доста јавувања, се распрашуваат како тече Конкурсот, какви документи се потребни, задоволителен е интересот за овие неколку дена, откако е објавен Конкурсот, изјави Сашо Милковски, претседател на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди во Советот на Општина Куманово.

Предлозите со образложение во писмена форма се доставуваат до Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија, најдоцна до 31-ви октомври годинава.

Инаку, минатата година општината додели Ноемвриска награда на шест физички и едно правно лице.

За постигнати успеси во областа на метеорологијата, Ноемвриска награда доби Борис Секирарски , потоа Марјан Стошевски, долгогодишен спортски новинар, академскиот  сликар Страхил Петровски, актерот Горан Илиќ, Реџеп Реџеповски , професионален боксер и тренер и Фадиљ Маличи, лекар специјалист, а Ноемвриска награда во вид на диплома беше доделена и на правното лице „Кланица БДА Компани“.

Leave a Reply