Општина Куманово објави јавен оглас за доделување локации за поставување рекламни паноа

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово објави јавен оглас за доделување на локации за поставување рекламни паноа на подрачјето на општината. Доделувањето на пакетот ќе се изврши со јавно усно наддавање, лицитација и издавање одобрение за нивно поставување. Локациите се поделени во четири пакети, вкупно 44 локации плус три за потребите на општината.

Loading...

Локациите за поставување на реклами на бандери за улично осветлување се дефинирани со вкупен број од 242 локации поделени во три пакети, претежно на улици и булевари во поширокото централно градско подрачје. Понудувачите можат да учествуваат за еден и повеќе пакети од јавниот оглас, кој ќе се смета за успешен дури и ако се јави само еден понудувач.

Постапката за доделување на локации ја спроведува комисија формирана од градоначалникот на Општина Куманово, кој донесува решение за избор на најповолен понудувач врз основа на предлог од Комисијата. Јавното наддавање ќе се изврши на 26 март, годинава во просториите на општина Куманово.

– Почетна цена на пакетите со локации на усното јавно наддавање – лицитацијата се утврдува на износ од 176.000 денари за пакет со локации број 1, 2, 3, 4 а за пакетите со локации број 5, 6 и 7 на износ од 60.000 денари. Учесниците во постапката на јавно наддавање што понудиле највисока годишна цена на предметот на јавниот оглас се должни да ја исплаќаат секоја година на 12 еднакви месечни рати сметано од денот на склучување на договорот. Трошоците што се однесуваат на обврски кон државата, комунална такса, електрична енергија и останати тековно инвестициски обврски се на товар на најповолниот понудувач, информираат од општина Куманово.

Право на учество имаат домашни, странски, правни и физички лица, конзорциум, друштва, кои немаат обврски кон општината. Воедно, ќе треба да уплатат гарантен депозит до комисијата.

– Сите заинтересирани субјекти можат да ја добијат пријавата за учество по електронски пат или да ја подигнат документацијата за јавниот оглас и да ги добијат сите потребни информации секој работен ден во Општина Куманово, со седиште на улица „11-ти Октомври“ бб 1300 Куманово, Република Северна Македонија со уплата на надоместок од 1.500 денари на жиро-сметка, чиишто податоци се објавени на општинската страна.

Комисијата за спроведување на постапката за доделување на локации во рок од седум дена пред одржување на јавното наддавање – лицитација писмено (по електронска пошта) ги известува кандидатите што ги исполнуваат условите за учество на јавното наддавање.

Договорот со најповолниот понудувач се потпишува во рок од 15 дена по завршувањето на постапката за добивање на правото за поставување на билбордите, а на најповолните понудувачи гарантниот депозит се враќа во рок од седум дена од денот на потпишување на договорот.

Loading...

Leave a Reply