ОО на Левица се приклучува на вечерашните протести пред Основниот суд (видео)

Сподели со своите пријатели

Општинската организација на новата политичка партија Левица, денес пред влезот на поранешната фабрика за леб и бели пецива „Житомел“ ја одржаа својата прва прес конференција на која истакнаа дека ги подржуваат протестите против аболицијата и најавија свое присуство на вечерашниот протест пред Основниот суд во Куманово.

Членовите на левичарските движења „Ленка“ и „Солидарност“, како и членството на поранешната Комунистичка партија на Македонија се основачите на новата политичка партија Левица, која има и свој Општинска организација во Куманово.

Левица е партија чија основна цел е социјална правда и социјална еднаквост на сите работници во нашата држава без оглед на националната и верската припадност. Нашата партија со сите сили ќе се бори за подобро образование, бесплатно и квалитетно здравство, праведно вреднување на работничкиот труд, како и за сето она што е карактеристично за секој вистински левоориентиран политички субјект – рече Роберт Димковски член на ОО на Левица Куманово.

Својата прва прес конференција ја одржаа пред фабриката „Житомел“ од каде порачаа дека ќе се борат за правата на работниците.

Никогаш не треба да заборавиме дека многу наши сограѓани живееа пристојно додека работеа во објектот зад нас. Денес за жал најголем дел од тие работници се борат за гола егзистенција поради жедта за пари на политичарите и олигарсите. „Житомел“ е само еден од илјадниците примери за вечната транзиција кои се јасно сведоштво за обезвреднувањето на работникот – вели Димковски.

Целта на оваа партија, според Димковски, е да се разбие статус квото на политичката сцена, при што најави дека Левица нема да биде во коалиција со ниту една од веќе постоечките партии. Партијата нема претседател, ниту хиреархиска структура, а одлуките се носат со учество на сите членови, што исто така ја издвојува и ја прави различна од останатите.