ОЈО побара притвор за криумчарење 13 мигранти меѓу кои две деца

Сподели со своите пријатели

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, постапувајќи по Кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи од 04.03.2016 година донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 26 – годишен македонски државјанин.  Истражната постапка е поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик.

Имено, на 03.03.2016 година околу 13:00 часот во близина на казиното „Принцес” кај Гевгелија, осомничениот прифатил и во насока кон Скопје и Куманово, со патничко моторно возило марка БМВ превезувал 13 мигранти, меѓу кои и две малолетни лица.

Надлежниот обвинител, согледувајќи ги околностите што укажуваат дека постојат услови за определување на мерката Притвор – опасност од бегство, особени околности што укажуваат дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор против осомниченото лице. Судијата на претходна постапка по спроведено испитување на странките се согласи дека предлогот за определување на мерката – Притвор е неопходен за непречено водење на кривичната постапка и донесе Решение со кое на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Деветмина од мигрантите кои илегално биле влезени на територијата на Република Македонија се вратени во Република Грција, додека останатите се задржани во својство на  сведоци и сместени едно лице во Прифатниот центар за странци лоциран во Гази Баба, а мајка со две деца во Прифатниот центар за баратели на право на азил во Скопје. 

Според податоците во обвинителството, само годинава, во периодот од 01.01.2016 година до 07.03.2016 година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје за сторено  кривично дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б Кривичниот законик,  во работа примило кривични пријави против 30 полнолетни  сторители,  од кои шест се странски  државјани.

Во пријавените кривично правни настани беа откриени вкупно околу 210 илегални мигранти од кои 16 лица беа малолетни.

Во текот на 2015 година, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како надлежно обвинителство за постапување по кривичното дело – Криумчарење мигранти, поднесени  се кривични пријави против 166 лица.