Одважи се! Ѝ требаме на својата држава!

Сподели со своите пријатели

И повторно се ближи 11-ти Октомври, ден на нашата историја, ден кога македонскиот народ го кренал својот глас, ден кога пукнала првата пушка токму во нашиот град (секако да не го заборавиме и Прилеп). Еден од најсветлите наши празници, празник што секој вистински Македонец го чека со срце и душа, ден за изразување на благодарност и почит кон сите оние млади херои кои ги положија своите животи за нашата слобода.

Loading...

Ајде помина некако 2-ри Август, секој на различна страна (што не е некаква реткост во нашава земја), секој со нови и празни ветувања, со нови лаги на кои не им се гледа ни средината, а не пак крајот. Зарем така да помине и 11-ти Октомври? Верувам дека многумина од вас би одговориле „не“, но што да се прави – тешки маки, македонски. Не за друго, туку од своите си патиме, од изродите македонски.

Добро рекол Гоце: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на спротивни страни , една од друга потуѓа“.

Ах бе јунаку, да знаеш само како го сквернават името на твојата света организација, криејќи се зад него…

Но, настрана историјата.

Се прашувам уште колку вакви празници ќе дочекаме во „слобода и демократија“ која ја градат веќе цели десет години, колку денови ќе ни поминат очекувајќи едно посветло утре и уште колку млади животи и судбини ќе треба да бидат уништени за да народот се свести дека веќе не може вака?

Секој ден се повеќе и повеќе тонеме во лагите на „нашите водачи“, во лагите на оние кои сме ги избрале за едно подобро утре, за да нѐ водат кон просперитет и напредок, а гледаме дека не е така… Секој позитивен чекор на државава е само една илузија, борба за нови четири години, а за граѓаните повторно „ништо“.

Нови проекти, нови училишта, градинки, спортски сали, патишта, покачување на платите?

Loading...

Па каде се?

Во Куманово не видовме ништо за десет години, а не верувам дека и десеттава нешто ќе смени?

А што се однесува до платите, што мислите со колку би можело едно просечно семејство да го истурка месецот до крајот, со 8000 денари?

Се лажете, првин себе си, а потоа и нас. Додека некој вози скапи автомобили, оди на одмор на егзотични места и носи гардероба купена по цена која ни тој не ја знае, некој нема за основните животни потреби, и вие тоа го нарекувате просечна плата за живот и висок стандард?

А што да кажам за нас средношколците, кутрите, маки мачиме пред министерството, спиеме во шатори, кампуваме, небаре сме на некоја планина… одиме по улици, протестираме и ред други работи, но кој да ни го слушне гласот? Па зарем ние не сме иднината на оваа земја? Зарем не се бориме за подобро образование и подобри услови за учење? Се бориме, и тоа како се бориме, ама никој не ни обрнува внимание, кој знае, можеби се зафатени со броење на елементите од периодниот систем, па немаат време да направат реформи, ама вистински реформи.

Понатаму за системот на образованието скоро и да нема потреба да се дискутира. Учи само теорија, прави тестови, полагај екстерно, а покрај тебе врие од незадоволни наставни кадри и тоа да ти било објективно. Нема практична наставна, нема клубови и секции, а образованието функционира „перфектно“. И после се прашуваме каде се младите способни кадри. Епа ги нема. Секој на своја страна, кај што не/среќата ќе го однесе. Стапката на иселување расте, младите си заминуваат, мигрантите доаѓаат, сѐ поблиску сме до пропаста, ама кому му е гајле за тоа.

И да, додека ние на нашите медиуми слушаме за „розовата“ состојба во Македонија, додека го држиме погледот во еден правец, гледаме само пред себе, а не околу себе (мислам не гледаме критички) и додека ги „конзумираме“ излитените лаги на медиумите, гледам јас „Business insider“ нè ставиле на 8- то место на најмизерни земји во светот, според критериум на стапка на невработеност и инфлација.

„Македонија направи големи чекори напред од своето осамостојување , но земјата не успеа да привлече толку странски инвеститори како другите балкански земји . Покрај тоа, корупцијата и слабото владеење се долгорочни проблеми кои ја гушат економијата. Индекс на мизерија- 27,9.“- пишува „Business insider“. И сега дилема…

Loading...

Па чекајте, нели сѐ беше добро? Стапката на невработеност се намалува, сите сме среќни и задоволни, инвестиции на сите страни?

Да, ама тоа само според нашиве „експерти“.

Да не се залажуваме, добро знаеме каква е состојбата во последниве години, ако настрана ги тргеме дел од медиумите- корупција, перење пари, ветено а не остварено, масовно иселување на младите работоспособни кадри, непотизам…

Жално, но вистинито… И само за потсетување, политиката не значи добро средено сако и кравата, автомобили од милиони илјади евра (а за очилата за сонце и да не зборуваме) и што уште не, политиката не значи ниту сечење на ленти, ниту пак посетување на граѓаните во, за вас критични моменти, а најмалку значи излегување на телевизија и читање на веќе напишаниот говор.

Политика е нов проект, нова инвестиција, подобро здравство, образование и ред други работи (но инвестиција без „некој денар“ за да џебот на раководителот не остане празен). И слободно можам да кажам додека едната страна е во секој момент со граѓаните, другата е во своите удобни фотељи.

На нас останува да се избориме за подобро утре!

Колумна на Андријана Спиревска, ученик во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово