Одбележани 20 години од формирањето на Единица за брзо распоредување

Сподели со своите пријатели

Денеска во Полицискиот центар Ѓорче Петров се одржа свечената церемонија на која Министерството за внатрешни работи одбележа уште еден јубилеј – 20 години од Единицата за брзо распоредување. Дводецениските резултати на оваа единица, без која не може да се замисли полициското работење, благодарение на актуелното раководство на МВР, за прват се валоризираа и во пригодна свеченост посветена на денот на формирањето на оваа единица. Создадена во 2001 година по примерот на европските „сили за брза реакција“, менувајќи го неколку пати името и трансформирајќи се, таа воспостави високи европски полициски стандарди во својата работа, а нејзината улога во безбедноста на државата од ден на ден станува сè позначајна.

Loading...

Во своето обраќање пред присутните, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, истакна дека на овој импозантен собир се оддава почит на Единица во составот на МВР, која е синоним за професионалност и подготвеност во секое време да се спротивстави на каков и да е предизвик доколку би била доведена во прашање безбедноста на граѓаните и на општествениот поредок.

 

 

„Постојаната грижа и стремежот за сеопфатна поддршка за развојот на полицијата, на сите нејзини служби е од посебен јавен, и се разбира – од национален интерес. Тоа, бездруго, важи и за нашата полициска Единица за брзо распоредување при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи. Единицата за брзо распоредување, позната како ЕБР, за само две децении израсна во суштински неопходна полициска формација, примарно во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување.“, потенцираше премиерот Заев.

Како што истакна премиерот Заев, во непосредно изминатиот период јавноста беше сведок кога должноста да заштитат и да им служат на граѓаните и на заедницата, членовите на ЕБР ја покажаа на најсилен начин, па за време на пожарите, кога во рамките на севкупниот систем за заштита и спасување се втурнаа во справување со огнената стихија и учествуваа во неколку спасувачки акции. Според претседателот на Владата, дополнително позитивно влијание низ годините наназад даде и засилениот ангажман и посветеност на министерот Спасовски и на неговиот тим, кои со максимална поддршка на Владата ги создаваа сите неопходни услови за материјално-техничко и стручно унапредување на полицијата, со фокус и на Единицата за брзо распоредување.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање истака дека на 23 август македонската полиција одбележува уште еден, исклучително значаен настан – 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, која како организациона структура темелно е позиционирана во нашиот систем на полициско функционирање и дејствување.

Loading...

 

 

„ЕБР претставува клучна алка во остварување на полициските цели на безбедноста, а тоа е заштита на сигурноста, слободите, правата, материјалните добра на граѓаните, како и заштита на правниот поредок, на јавниот ред и мир, овозможувајќи внатрешна сигурност и стабилност на државата. Сите нејзини припадници од 2001-та година, кога е формирана Единицата, па сѐ до денес, преку своите активности, трансформации, вложен труд, врвни обуки, професионализам и постигнати видливи резултати, сето тоа недвосмислено го докажаа и покажаа, овозможувајќи оваа полициска организациона единица да биде она што е денес: суштински неопходна полициска формација, особено во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување во оној севкупен концепт на европски полициски систем на безбедност, кон кој што целиме и интензивно го градиме во изминативе неколку години“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцираше дека со оглед на важноста на оваа полициска служба, ќе продолжи континуираното внимание и грижа за развојот и работата на ЕБР, се разбира, поаѓајќи од примарниот мотив да се постигнат и одржат највисоките европски и светски полициски стандарди во доменот на функционирањето и работата на полициските формации од овој тип.

 

 

Loading...

„Така, пред неколку месеци за припадниците на Единицата за брзо распоредување се обезбедени три различни видови униформи (урбана маскирна, рурална маскирна и униформа за услови на нарушен ЈРМ во поголем обем и апсење на опасни лица), како и спортска опрема. Се разбира, во тек се и дополнителни инфраструктурни работи, опремување со современи средства, оружје и возила, а во нашите идни инвестициски планови, бездруго, единицата и нејзините припадници ќе бидат неизоставен дел во кој што треба и мора да се константно да се вложува, вклучително и во натамошното професионално образование, тренинзи по највисоки стандарди, следејќи го примерот на европските специјални сили,“ образложи министерот Спасовски.

Командантот на Единицата за брзо распоредување Вице Столески истакна дека од денот на нејзиното формирање, како Баталјон за брзи интервенции, па Единица за брзи интервенции, преку Специјална единица за брзо распоредување, па сѐ до денес – како Единица за брзо распоредување, или популарно позната како ЕБР, таа зема активно учество во справување со сите посериозни безбедносни ризици во државата, на тој начин растејќи и созревајќи во високофункционална единица, способна за извршување на сложени задачи.

„Оваа единица се карактеризира со целосна подготвеност да одговори на сите зададени полициски задачи, независно од нивната сложеност, самостојно, но и во координација со другите единици. ЕБР прерасна во високоспецијализирана полициска единица, во чии рамки се воспоставени високи и специфични стручни и професионални критериуми за сите нејзини припадници од сите аспекти – физички, ментален, здравствен, образовен и технички“, рече Столески.

 

 

Командантот Столевски истакна дека посебно место во историјата на единицата имаат полициските службеници, храбрите срца што ги положија животите на браникот на татковината, нивната храброст и нивната жртва при извршување на полициските задачи, никогаш нема да бидат заборавени.
„ЕБР го прославува своето 20-годишно постоење и ќе продолжи да биде високообучена и професионална полициска борбена формација, која СЕКОГАШ и СЕКАДЕ е подготвена да се зафати со решавање на најспецифичните и најсложените безбедносни ризици и предизвици!“, потенцираше на крајот од обраќањето командантот Столески.

Официјални делегации од Владата, Министерството за внатрешни работи, семејствата на загинатите и починатите припадници на Едницата, делегација од Македонскиот полициски синдикат, од Одделот за специјални полициски операции и од самата Единица положија свежо цвеќе на Спомен плочата на загинатите припадници на ЕБР. На свеченоста беа доделени јубилејни плакети за најуспешните припадници на Единицата, за оние кои одбележуваат 5, 10, 15 и 20 години работа во нејзините редови, за поранешните команданти, но и за пријателите и соработниците на Министерството за внатрешни работи и ЕБР. Во чест на Единицата беше емитуван и промотивен видео спот, а знамето на Единицата беше развиорено при прелет со хеликоптер над Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, кој претствува и база на Единицата за брзо распоредување. На крајот на свеченоста гостите го посетија и новиот објект на Спомен собата на ЕБР, каде се потпишаа во спомен-книгата на Единицата.

Loading...

 

Интегрално соопштение: МВР