Облачно со повремени врнежи од дожд и снег

Сподели со своите пријатели

Во текот на ноќта времето беше умерено до значително облачно, поведро беше во југозападните и југоисточните делови. На места дуваше слаб до умерен ветер од северозападен правец. Изутринава во северозападните делови е облачно и на планините започна да врне снег, информриаат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето во текот на денот ќе биде променливо облачно, во западните и северните делови значително облачно со повремени врнежи од дожд во пониските места и снег на планините. Повеќе врнежи ќе има попладне во западните делови каде на планините ќе се формира снежна покривка, а снег ќе има и на некои повисоки места (околу 600м.н.в.) Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13 степени.

Во Куманово и околината денес ќе имаме претежно облачно и ветровито време. Ветерот на моменти ќе достигнува брзина над 20 километри на час, а максималната дневна температура ќе изнесува 7 степени целзиусови.

Поради продор на многу студена воздушна маса од север во следните денови ќе преовладува променливо облачно, студено и ветровито време. Утре и во четврток ќе провејува слаб снег и ќе дува силен северен ветер, особено на планините (повремено со брзина околу 100 км/час). За време на викендот времето ќе биде сончево, а за Новогодишната ноќ ведро и многу студено со температури под -10 степени.