Објавен Конкурсот за упис во средните училишта за 2021/2022

Сподели со своите пријатели

Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022 година, според кој слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.

Loading...

Од вкупниот број слободни места,19 602 се во стручно образование во 604 паралалеки, 9261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и за математичко-информатичка гимназија.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера изјави дека во фокусот е средното стручно образование и апелираше учениците да го изберат затоа што, како што рече, тоа е образование на сегашноста и на иднината. МОН во февруари ја организираше кампањата „Учи паметно, работи стручно“ во општините низ земјава, во соработка со стопанските комори, локалните самоуправи и средните училишта, за да се утврди кои се потребните профили што треба да се отворат во одредено училиште или кои треба да се стават во мирување.

За да се мотовираат учениците да се запишат во средно стручно образование воведени се и стипендии. Како што соопшти Царовска, 1500 ученици кои ќе се запишат во паралелки за стручно образование со продолжено време поминато во практична настава во компании ќе добијат по 3.500 денари месечно во текот на учебната година, 500 ученици во прва година тригодишно образование исто така ќе добиваат по 3.500 денари месечно, а за 200 ученици од прва година од наставните програми во електротехничка струка, машинска, градежна, угостителска, ветеринарна, текстилна, кожарска ќе биде обезбедена стипендија по 2.200 денари.

Според роковите во објавениот Конкурс, пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во јуни. Првото пријавување и запишување ќе биде на 14 јуни од 12 до 19 часот, на 15 и 16 јуни од 7 до 19 часот и на 17 јуни од 7 до 15 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 17 јуни, квалификациското тестирање ќе се организира во средните училишта на 21 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени на 21 јуни. Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 23, 24 и 25 јуни, а третото пријавување и запишување ученици ќе биде на 30 јуни 2021. Пријавувањето за упис во програмата Меѓународна матура во гимназијата „Јосип Броз Тито” – Скопје ќе се врши од 4 до 14 мај.

Во објавениот Конкурс се содржани условите за запишување и критериумите за избор на учениците, потребните документи за пријавување, како и насоки за спроведување на Конкурсот за упис на ученици во прва година средно образование за наредната учебна година.

Leave a Reply