Нови кружни текови, смарт паркови и изградба на училиште најави Димитриевски (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Пет нови кружни текови, реконструкција на паркот кај Автобуската станица и изградба на нов во селото Проевце, како и изградба на училишни простории за учениците од Гимназијата „Сами Фрашери“ најави вечерва од градскиот плоштад во Куманово кандидатот на независната листа „За наше Куманово“ Максим Димитриевски.

Loading...

– Во следните четири години Куманово ќе добие пет нови кружни токови и тоа едниот на локација „Серава“, другиот кај Автобуска станица со „Октомвриска револуција“, третиот пред „Ловечки дом“ кон Проевце, четвртиот кој е во фаза и чекаме дозвола на „Октомвриска револуција“ и петиот на Гоце Делчев – „Трета МУБ“, тоа се капитални проекти, но притоа повторно ќе ги замолам поединци неодговорни кои држат високи функции не затоа што се квалитетни и професионални туку легалисти на претпоставените, барем да не ги паркираат своите возила на одбележани места за паркирање недозволено и да си ја плаќаат сметката како што ја плаќаат сите кумановци бидејќи сите паркинг простори се узурпирани од шефови и шефчињата, рече Димитриевски.

Целосна реконструкција на постоечкиот парк кај Автобуската станица, но и изградба на нов во селото Проевце се дел од проектите со кои Димитриевски ја бара поддршката од граѓаните на Куманово за четиригодишен мандат.

– Следната година ќе продолжиме со целосна реконструкција на стариот градски парк и негова трансформација во смарт модерен парк, со детски катчиња, спортски игралишта, мини паркинг и други содржини кои наликуваат на оние содржини кои веќе ги направивме на Спомен Костурница бидејќи Куманово го заслужува тоа. Целосна реконструкција и изградба на нов градски парк на локалитет Проевце, огромна зелена површина стои неискористена со години и тоа е во нашата програма „За наше Куманово“, додаде Димитриевски.

Реконструкција на повеќе основни и средни училишта, но и конечна изградба на нови училишни простории за учениците од Гимназијата „Сами Фрашери“ и техничкото училиште со настава на албански јазик, најави Димитриевски на денешната конвенција на плоштадот.

– Последната инвестиција во образованието во нашата општина се случи далечната 87ма година кога беше изградено последното основно училиште „Кочо Рацин“ од тогаш наваму само една доградба во ОУ „Толи Зордумис“ за неколку паралелки. За две години успеавме да ги реконструираме целосно сите средни училишта во градот, а на паралелките на албански наставен јазик, Гимназијата „Сами Фрашери“ и техничкото училиште, Македонија сѐ уште му должи и не му се раздолжи, но нема да чекаме на нив. Порачавме проект и ќе тргнеме заедно со граѓаните и со странски донатори и ќе ги удриме темелите на тоа училиште бидејќи сите заслужуваат еднакви права и можности, а они нека го споменуваат тој проект само за време на избори, кога ќе се отворат избори секогаш се отвара ова прашање, порача кандидатот на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.

Димитриевски ја повика актуелната министерка за образование наместо да прави, како што рече  непромислени реформи да го одврзе кесето и капителните инвестиции на министерството да ги спушти на локално ниво.

Ние зборуваме за децентрализација на власта, тоа значи фискална децентрализација, затоа што додека они градат едно игралиште од девет милиони денари ние со истите пари во Куманово изградивме три и ќе им покажеме на сите како успешно квалитетно, чесно и посветемо се менаџираат граѓанските средства, повеќе од девет модерни игралишта изградени во последните две години, рече тој.

Loading...

Во програмата за следните четири години, како што посочи Димитриевски, сите основни и средни училишта ќе добијат спортски игралишта со тартан подлога по примерот на оние во  „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, како и средните училишта „Наце Буѓони“, „Перо Наков, Гимназијата „Гоце Делчев“.

Никола Ивановски