Нови 230 наслови на три јазици во библиотеката ”Тане Георгиевски”

Сподели со своите пријатели

Библиотеката „Тане Георгиевски” во Куманово набави нови 230 наслови или околу 630 книги од различни жанрови од десет издавачки куќи од Македонија.

Loading...
 – Набавена е литература по слободен избор од сите области, најновите изданија кои можеа да се најдат на годинешниов Саем на книгата, а за кои постои интерес кај читателите. Тие ќе имаат можност да уживаат и во дела од преведената светска литератрура која е мошне актуелна, вели директорот на библиотеката, Нада Ивановска.

Освен книги на македонски, набавени се и дела на албански и српски јазик. За набавката на книгите библиотеката одвои 200.000 денари.

Читателите од Куманово веќе позајмуваат нови книги. Основците и средношколците бараат лектири, но се бараат и популарни дела по слободен избор.

– Најмногу се чита белетристика и може да се каже дека последниве години расте бројката на читатели. Затоа постојано го збогатуваме фондот на библиотеката, истакна Ивановска.

„Тане Георгиевски” дневно ја посетуваат над 150 читатели. Со фонд од околу 190.000 примероци, кумановската е меѓу најбогатите библиотеки во земјава.

Извор: Cooltura.mk