Никој не се обратил до Народниот правобранител за промена на името или Законот за јазиците

Сподели со своите пријатели

Се уште никој не поднел претставка до мене за промена на името на државата или употреба на јазиците, рече денеска Народниот правобранител Иџет Мемети на трибина во Куманово. Воедно изрази и загриженост дека бројот на лица во општините кои бараат заштита на своите права е многу мал.

Loading...

– Се уште никој не дошол во мојата канцеларија да бара употреба на јазик, се уште никој не дошол во моја канцеларија да бара да не се смени името на Република Македонија, се уште никој не дошол да бара да се признае православната црква или слично. Зборувам за поединечни или колективни политички барања, сите кои доаѓаат, доаѓаат за економските и социјалните права. Секоја почит кон сите права, сите ги заслужуваат и сите треба да ни се почитуваат, но верувајте дека сега го спремаме извештајот за 2018 година, покачен е бројот на граѓани кои бараат заштита, за жал не во општините на доволно ниво, рече Мемети.

Законот за употреба на јазиците добра придобивка, оцени Народниот правобранител, бидејќи, како што рече, од уставните промени во 1991 година се занимаваме со тоа.

– Уште во мое време 2004 или 2005 година беше донесен Законот за јазиците, но проблемот е волјата за спроведување на законот, немаше волја, а се плашам дека и за сегашниот закон дека има искрена волја да се спроведе, затоа што не може да се спроведе закон без создавање на основа, а тоа значи средства, луѓе и техника, без тоа нема ништо, додаде Мемети.

Посебно одделение кај народниот правобранител заедно со граѓанскиот сектор ќе ја надгледува работата на полицијата, најави денеска Народниот правобранител Иџет Мемети кој истакна дека неказиновоста на полициски службеници кои прекршиле закони при постапување со граѓаните е голема.

Неколку лица кои ќе членуваат во новото тело ќе дојдат на предлог и од невладините организации, истакна денеска Мемети на трибината „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“.

Loading...

На трибината беа истакнати сите надлежности кои ги има правобранителот, но и како граѓаните да дојдат до заштита на своите права преку оваа институција која моментално работи на повеќе од 3.000 претставки.

Македонија има добри закони, рече Мемети, но само се штанцаат без да се спроведуваат.

– Многу закони, добри закони, но никако не создаваме услови да се спроведуваат законите. Штанцаме закони без да создадеме услови таквите прописи да се спроведуваат или гориме помеѓу желбите што ги имаме и реалните состојби во општеството од секаков аспект, најмногу од економскиот аспект. Таквиот начин на носење правна регулатива, ти можеш да се пофалиш кај соседот дека имаш одлична правна регулатив а за извршување на санцкиите, но од друга страна дали се спроведуваат. Тука имаме големи проблеми, рече Мемети.

Куманово е на четврто место според доставените претставки до Народниот правобранител. Минатата година биле поднесени 216 претставки од граѓаните на Куманово, од кои 10 отсто за повреди на права од страна на локалната власт и тоа претежно урбанизмот, комуналиите, наплата на даноци и животна средина.

Граѓаните малку се жалат кога имаат проблеми со локалната самоуправа, а особено во руралните средини во Североистокот, е оценката на заменик Народниот правобранител Насер Весели.

– Не зборувам само за Куманово, посебно руралните општини во Североисточниот дел на Република Македонија, кои се под наша надлежност, речиси да немаме ниту една претставка која се однесува на работата на локалната самоуправа. Имаме претставки за радиодифузна такса од Липково да речеме, ама ниту една претставка ниту од Липково, ниту од Старо Нагоричане не се однесува на правата што можат да ги остваруваат, а секојдневно сме сведоци на такви проблеми со локалната самоуправа во поглед на правата што треба да ги остваруваат, рече Весели.

Loading...

На денешната трибина учествуваше и градоначалникот Максим Димитриевски, кој пак истакна дека мора сите заедно да работат за основните граѓански права, затоа што секојдневно граѓаните реагираат на услугите и на локалната и на централната власт.

– Ние во Општина Куманово воведовме една пракса, а тоа е редовен месечен состанок на ниво на Министерство за внатрешни работи, Народен правобранител, претставници на Армија на Република Македонија, болницата, јавните установи, се со цел заедно да се координираме. Тие состаноци јас како татко на градот, избран од граѓаните, ги водам и ги менаџирам и секако еден од првите зборови на тие состаноци е упатен до Народниот правобранител кај што директно му се обраќам со зборовите: „Правобранителе од што се жалат граѓаните? Кој е проблемот на граѓаните?“, бидејќи она што е елементарно за сите нас, за избраниците на народот, оние кои добиваме можност на најодговорен начин да ја практикуваме власта и да ја извршуваме основната задача дадена согласно закон, тоа е да бидеме соодветен сервис на граѓаните и граѓаните се тие кои секогаш имаат право да ни дадат забелешка не само со цел да наоѓаат изговор или прашања во делот на забелешките, туку на тој начин да правиме автокорекција за да можеме да ги подобриме нашите услуги и да постапуваме согласно законот, рече Димитриевски.

Во однос на Законот за јазиците, Куманово е мултијазичен град рече Димитриевски, истакнувајќи дека секој член на Советот има право да зборува на својот мајчин јазик што ги прави службени за употреба.

Leave a Reply