Недела на франкофонија во кумановската Гимназија „Гоце Делчев“

Сподели со своите пријатели

Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ и годинава традиционално ја одбележува Неделата на франкофонијата, која започна на 18ти март.

Loading...

– Во понеделник имавме квиз по франкофонија, во кој зедоа учество учениците од прва година, бидејќи по програмата франкофонијата се изучува во прва година. Во вторник имавме литературно читање од познати француски поети, во среда имавме работилница, а денеска имаме презентација на франкофонијата и штанд на француската кујна, изјави наставничката Розита Благоевиќ.

Со засадување на дрво симболично означувајќи го пријателството меѓу Македонија и Франција утре ќе заврши овогодинешното одбележување на манифестацијата.

– Денеска е денот кој го посветивме точно на франкофонијата. Направивме соодветно пано за тоа за да покажеме дека на сите пет континенти францускиот јазик е застапен и секако разликата помеѓу македонската и француската кујна која е ставена на второто пано и на масата на која се наоѓаат некои од специјалитетите на француската кујна, додава наставничката Благоевиќ.

Како што додава наставничката кај учениците постои интерес за изучување на францускиот јазик, бидејќи изучувајќи го јазикот им се отвараат повеќе можности.

Како што информираше наставничката Благоевиќ, Гимназијата преку билингвалната паралелка им нуди големи можности на учениците, кои подоцна своето образование можат да го продолжат и во Франција.

Leave a Reply