НАСКОРО: „На терапија“ – нова македонска хит серија

Сподели со своите пријатели

Во продукција на КИНО ОКО почнувајќи од 4-ти септември оваа година, македонската публика ќе има можност да го следи емитувањето на ТВ серијата „На терапија“, првата македонска ТВ продукција снимена според странска лиценца.

За прв пат во Македонија продуцирана е ТВ серија според странска лиценца во која глумат домашни актери. Снимени се 45 епизоди адаптирани од македонски автори и реализирани со екипа од македонски ТВ и филмски професионалци – вели продуцентот на серијата Роберт Насков.

Дејствието на серијата се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми, за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош. Секоја епизода е фокусирана на одреден пациент и неговиот однос со главниот лик: суицидална пливачка на тинејџерски години; професионален војник кој ги преиспитува своите постапки; жена која има еротска фиксација кон терапевтот; брачен пар кој не може да се соочи со обврските на родителство; како и сопругата на психотерапевтот која се обидува да го спаси нивниот брак кој е во криза.

 

Loading...

 

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел и е креирана од Нир Бергман, Ори Сиван и Хагаи Леви.

Леви е познат и по работата на серијата „The Affair“ наградена со неколку Златни глобуси.

По големиот успех во матичната земја, во 2008 година лиценцата за серијата ја откупува американската мрежа „HBO“ која продуцира три сезони со познатиот актер Гебриел Брн во улога на психотерапевтот. Серијата веднаш се здобива со популарност, ласкави критики и неколку награди „ЕМИ“ и „Златен глобус“.

Концептот на серијата доживува планетарен успех и се снимаат верзии во Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Холандија, Чешка, Полска и Италија. Во Балканскиот регион досега се снимени романска, словенечка, српска и хрватска верзија.

Во македонската верзија на серијата игра исклучителна актерска екипа предводена од Никола Ристановски во улогата на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

Низ призма на личното, „На терапија“ ги отсликува колективните потешкотии со кои се справуваат македонските граѓани во секојдневниот живот. Во 45-те епизоди се обработуваат низа тематики, почнувајќи од граѓански активизам и човекови права, полова нееднаквост, семејно насилство, ксенофобија, корупција, слобода на медиуми, право на сексуална ориентација, однос кон децата и тинејџерите во општеството, традиционален наспроти модерен начин на живот и ред други прашања.

Оваа серија ќе ги поттикне луѓето да почнат да разговараат за проблемите кои се поврзани со секојдневниот живот на македонскиот граѓанин, и можеби ќе пронајдат одговори за личните дилеми и прашања. Се надевам дека серијата ќе придонесе за отворање на дијалог на сите актуелни теми во нашето општество – додава Насков.

Повеќе детали за проектот се достапни на официјалната веб страна www.NaTerapija.mk