Народната кујна наскоро повторно ќе функционира во Куманово

Сподели со своите пријатели

По одредена пауза проектот „Народна кујна“ во Куманово повторно ќе започне со работа и ќе нуди топол оброк за најранливите граѓани, корисници на услугите на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Куманово, информираше денеска директорката Александра Арсовска.

Проектот е наменет за категоријата корисници на социјална парична помош, односно лица кои не се во можност да си обезбедат оброк во текот на денот.

Освен граѓаните на Куманово, топол оброк ќе добијат и ранливите категории од Старо Нагоричане и Липково.

– Во Куманово превидени се 192 корисници на Народна кујна, тоа станува збор за 192 оброци, 30 во Општина Липково и 30 во Општина Старо Нагоричане. Се надеваме дека во најбрз временски период ќе стартува народната кујна и оние кои имаат поднесено барање и кои што навистина имаат потреба, селекцијата се врши во Центарот за социјална работа, врз основа на навистина сериозни критериуми, да можат да отпочнат да ја користат оваа услуга, односно да добиваат топол оброк во текот на денот, рече Арсовска.

Подолг временски период Народната кујна не работеше, а причините беа од технички аспект, односно Центарот за социјална работа немаше лице задолжено за спроведување јавни набавки.

– Сега тие работи се надминати, имаме лиценцирани лица кои што се обучени да работат во јавни набавки, направивме посериозни консултации и завршена е тендерската постапка, така да веќе можеме да кажеме дека успешно ја завршивме оваа постпака и може да започнеме со работа на Народната кујна, изјави директорката Арсовска.

Народната кујна ќе се наоѓа на старата локација, во близина на музичкото училиште „Панче Пешев“, додека соседните општини ќе бидат опслужувани од штандови.

Leave a Reply