Наредба за претрес кај кумановец поради настаните од Собранието

Сподели со своите пријатели

На 18.05.2017 година, од страна на полициски службеници од СВР Скопје, постапено е по издадена наредба од Судија на претходна постапка за вршење на претрес во дом и други простории кај лицето И.Ј. (46) од Куманово, но претресот не бил извршен бидејки никој не ја отварал вратата, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во врска со немилите настани што се случија на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, СВР Скопје поднесе  кривична пријава против лицата А.Б. (60) од Тетово и А.Ш. (22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Првопријавениот А.Б., откако насилно влегол во Собранието, во прес салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С., упатувајки им закани. Во моментот кога сакал да се доближи до пратениците бил задржан од страна на  друго лице. Второпријавениот А.Ш. насилно ја отворалил влезната врата на Собранието, удирајки ја со раце и нозе, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници поставени во кордон пред вратата. За преземените дејствија на двајцата пријавени обезбедени се видео записи, со нив биле извршени разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејствија, по што истите се ослободени.

Исто така, до Основно јавно обвинителство Скопје доставени се три Известувања. Првото се однесува за извршени прегледи на видео материјали од настаните на 27.04.2017 година во Собрание на Република Македонија при што било утврдено дека осум лица се присутни во Собранието, но истите немаат преземани никакви дејствија. Второто се однесува на барање за издавање Наредби до мобилен оператор за издавање на листинзи на телефонски број сопственост на лице за кого претходно е поднесена кривична пријава и извршен претрес во дом и други простории. Третото известување се однесува за обезбедена целокупна здравствена документација на лица кои се пријавиле како оштетени од наведениот кривично правен настан во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.

По претходно доставена покана, во просториите на СВР Скопје бил извршен разговор со лицето С.С. (38) од Скопје, по што лицето е ослободено. Во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок. Исто така,  бил извршен разговор и со лицата  О.Р. (42) и С.М. (51), двајцата од Скопје и вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. По извршениот разговор и тие биле ослободени, а во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните што се случија на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.