Белиот песок од Сардинија се смета за ценето јавно добро и е забрането да се изнесува од островот, а двајца Французи дури би можеле да завршат во затвор откако биле фатени со 40 килограми во автомобилот.
И покрај тоа што тврдат дека песокот сакале да го однесат дома како сувенир и не знаеле дека го кршат законот, надлежните ги теретат за кражба со отежнителни околности.
Сардинскиот бел песок е прогласен за јавно добро и строго е забрането неговото носење од островот, затоа што поради тоа некои од плажите годишно губат и тони песок.
Полицијата песокот го открила спакуван во 14 пластични шишиња, а бил земен од плажата Чиа, на југот на Сардинија.
Биле фатени пред да се качат на траект во Порто Торес, кој вози за Тулон.