На анти ковид протестите во Брисел нападната зградата на ЕУ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, го осуди „безумното уништување и насилство“ на демонстрациите против здравствените ковид пропусници денеска во Брисел, кога, меѓу другото, беше нападната и зградата на Европската унија.

Loading...

Во пораката на Твитер, Борел се заблагодари и на белгиската федерална полиција за нивните акции за потиснување на насилните демонстранти.

Денес во Брисел избија судири меѓу полицијата и демонстрантите против ограничувањата поврзани со пандемијата Ковид-19 за време на протестите во кои учествуваа десетици илјади лица.

Судирите избија во близина на седиштето на Европската унија, кога полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги потисне демонстрантите кои користеа камења и петарди.

Според радиото РТЛ, маскирани демонстранти ги скршиле стаклата на влезот на зградата на Службата за надворешни работи на Европската унија.

Нешто подоцна, полицајците кои биле цел на демонстрантите со метални огради мораа да се засолнат во станицата на метрото.

Според властите, околу 50.000 луѓе прошетале низ главниот град на Белгија, а имало и учесници од неколку други европски земји. Денешните протести беа најмасовните во низата демонстрации во градот во последните месеци.

Полицијата соопшти дека 70 лица се уапсени, вклучително и десет за прекршоци како што се фрлање предмети и уништување имот, пренесе АФП.

Loading...

Тројца полицајци и 12 демонстранти се хоспитализирани, но никој не е во животна опасност.

Белгискиот премиер Александар Де Кро во изјавата рече дека слободата на изразување е еден од темелите на белгиското општество и дека секој е слободен да го изрази своето мислење, но дека општеството никогаш не дозволува „слепо насилство, а уште помалку врз полициските сили“.

„Луѓето вклучени во денешните немири ќе бидат кривично гонети“, рече белгискиот премиер.

Градоначалникот на Брисел Филип Клоз во порака на Твитер изрази жалење за тешкиот ден и физичките напади врз полицијата.

Демонстрантите маршираа носејќи транспаренти со критики за премиерот Александре де Кроу, како и здравствена карта потребна за влез на повеќе места.

И за време на некои од претходните демонстрации против здравствениот сертификат потребен за влез во ресторани и културни настани кои редовно се одржуваа во белгискиот главен град во последните недели, избија судири со органите на редот.

 

Loading...