Мургашанска: Не сум изненадена од исходот на вчерашната конференција

Сподели со своите пријатели

„Не сум изненадена од исходот на вчерашната конференција“ вели претседателката на Советот на Општина Куманово и истакнат член на СДСМ, Атина Мургашанска по однос на партиската конференција на локално ниво каде не беа прифатени нејзините предлози и таа заедно со градоначалникот Максим Димитриевски беа елиминирани од можноста да биде избрана во Централниот одбор.

Loading...

Во телефонска изјава за Кумановски Муабети вели дека имало пропусти во самата процедура за предлог на кандидати за можни членови на Централен и Надзорен одбор, па дури и извесни прекршувања.

– Да се предлага, да се бира и да се биде биран е демократско право и обврска кое го поседува секој член на СДСМ и тоа и досега и отсега партијата на која и припаѓам го имплементирала и ќе го имплементира и понатаму. Не сум изненадена од исходот на вчерашната конференција, со оглед на тоа дека мојата предлог листа за можни кандидати на Централен и Надзорен одбор, не беше испочитувана ниту на седницата на извршниот одбор која ѝ претходеше на оваа конференција. Сметам дека мојот предлог кој го составив во соработка на многу сопартијци и приврзаници беше посеопфатна, пизбалансирана и е пореален одраз на кадрите и луѓето кои ја уживаат поддршката и довербата на членството и граѓаните на Општина Куманово, вели Мургашанска.

Вели дека поминала друга листа, која била личен предлог на претседателот на Општинската организација на СДСМ Мартин Костовски.

– Другата листа која помина на општинската конференција, а која всушнсот беше личен предлог на претседателот Мартин Костовски, покрај многуте квалитетни кадри кои ги содржи, содржи и неколку предлози кои покрај квалитетот имаат и пречки да бидат предложени за членови на ЦО и НО, а тоа се дека едниот од нив не ги задоволува елемтарните критериуми на правилата за предлагање и бирање, двајца од нив се во роднинско-кумовска врска со претседателот, а неговата севкупна листа не го запазува ниту критериумот да има 30% кандидати помлади од 32 години, појаснува таа.

Со исклучок на еден предлог, биле одбиени и останатите предлози на Форумот на жени на СДСМ Куманово.

– Со исклучок на еден наш предлог, сите останати предлози на Форумот на жени на СДСМ Куманово, а се работи за исклучително квалитетни, докажани и кадри кои се носители на високи партиски, општествени и јавни функции, беа елиминирани по пат на надгласување, а наместо нашите предлози предложени други кандидатки кои претседателот ги смета за подобни. Меѓутоа сето ова е дел од еден демократски и внатрепартиски натрепвар кој тукушто започна, а кој ќе продолжи понатаму низ институциите на партијата, како што се Центарлниот и Извршниот одбор на централно ниво и својата завршница ќе ја има на Конгресот на 16ти мај, вели Мургашанска.

Сепак Мургашанска не ја губи надешта дека нејзините предлози ќе добијат разбирање во понатамошните процедури во партијата.

Loading...

– Нашите предлози сѐ уште ја имаат шансата во рамките на процедурите и правилата на партијата да бидат поддржани или одбиени. Немам сомнение дека на крајот ќе добиеме повторно Централен и Надзорен одбор кој ќе го сочинуваат најдобрите и најкопентните кадри од сите страни на државата вклучително и мојата општина. Впрочем пред нас претстои еден сериозен политички натпревар со нашите политички конкуренти и противници, а тоа се претстојните локални избори и мислам дека многу поважно и посериозно би требале нашиот демократски капацитет и енергија да го канализираме и фокусираме на подготовка, реализација и победа на претстојните локални избори, појаснува таа.

И покрај сите превирања во партијата на локално ниво, Мургашанска вели дека е убедена оти Општинската организација на СДСМ ќе ја има најдобрата листа можни советници и најдобар кандидат за иден градоначалник на Општина Куманово.

Никола Ивановски

Leave a Reply