МТСП: Мајонез не се користи како храна во градинките, само како додаток

Сподели со своите пријатели

По скоро една недела молк за случајот со труење со храна во кумановската градинка „Ангел Шајче“ вчеравечер со соопштение се јави ресорното Министерство за труд и социјална политика.

Loading...

Во соопштението се појаснува дека првичните сознанија покажуваат дека труењето доаѓа од мајонез кој бил во оригинално пакување.

– Ја информираме јавноста дека внимателно го следиме случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и сме во постојана комуникација со надлежните институции.  Првичните сознанија, утврдени од Центарот за јавно здравје, укажуваат дека причина за труењето е од мајонез од фабричко производство кој бил во оригинално пакување, стои во соопштението.

Од МТСП појаснуваат дека случајот го следат и велат дека мајонез не се користи во исхрана на децата, туку како додаток во јадења.

– Во однос на прашањето што се поставува во јавноста дали мајонез се користи во исхраната на децата, сакаме да информираме дека мајонезот воопшто не се користел  како примарна храна туку во многу мали количини под 10%, како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо. Со новите упатства за подготовка на оброците мајонезот целосно ќе биде исфрлен, се додава од министерството.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека согласно нивните надлежности ќе ги преземат сите мерки за утврдување одговорност за случајот.

Воедно најавуваат и целосна ревизија на Нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата.

– Под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата коишто ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност.  Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана, се вели во соопштението.

Loading...

Никола Ивановски

Leave a Reply