МОН: Државата може да оди напред со стратешки вложувања во науката, оценка на панелистите на конференцијата „Наука за развој, заедно е возможно“

Сподели со своите пријатели

Преку јавен повик МОН распредели 224 милиони денари за финансирање на научно-истражувачки проекти за поддршка на развој на лабораториските ресурси на факултетите, научните институти и јавните научни установи. На панел дискусијата ,,Вложување во развој на науката”, во рамки на конференција „Наука за развој, заедно е возможно“ што ја организираше Министерството за образование и наука (МОН), проф. д-р Зехра Хајруали Муслиу, од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје посочи дека финансиската состојба на нашата држава е далеку поразлична од развиените земји, но сепак, наоѓа сили и можности за финансирање на научно-истражувачки проекти, во случајов високософистицирани.

Loading...

„Ниту економските состојби ни децениските (не)вложувања во науката се прашања кои може да се решат сега и веднаш. Да бидеме реални, менувањето на политиката и свеста за вложувањето во науката, преку транспарентноста на МОН, преку отворениот пристап кон сите, преку зацврстување на единството меѓу образованието и науката, а што е најбитно, со зацврстување на академската заедница, стопанството и државата, како заеднички партнери, се чекори за поздравување“, рече Хајруали Муслиу.

За доц. д-р Ирена Рамбабова Бушлетиќ, од Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, иако изминатите две години медицинските работници го живеат најтешкиот период поради пандемијата, и во такви услови успеваат да се посветат на научна дејност и да размислуваат за развој на научно-истражувачки проекти, се со цел да се подобри третманот на пациентите.

„Битно е научните идеи да бидат препознаени од носителите на политики, и тука наидовме на поддршка. Со финансирањето на една многу сензитивна сфера, финансирањето на науката е всушност вложување во луѓето“, нагласи доцентката Рамбабова Бушлетиќ.

Инвестициите во образованието и науката се инвестиции во човечки капитал а со тоа и во развој на државата и во подобра иднина. Затоа е многу значајно што Владата и Министерство за финансии преку Буџетот секоја година ги зголемуваат буџетските средства за наука и за истражувања, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Инвестициите во човечкиот капитал обезбедуваат подобри и релевантни вештини и знаења и имаат влијание врз подобрување на продуктивноста и забрзување на економскиот раст. Оваа влада пристапува стратешки на развојот на образованието, науката и здравството, со цел поголема активност на работоспособното население. Ова се вложувања кои треба да резултираат со повисоки стапки на раст, како што ги планираме, преку зголемување на конкурентноста на нашата економија“, рече министерот Бесими.

Иако се ограничени буџетските можности, министерот нагласи дека со Предлог-буџетот, за образованието и науката во наредната година се планирани средства од 30,4 милијарди денари кои се за 6,2 проценти повисоки во споредба со 2021 година.

Проф.д-р Владимир Мијаковски од Технички факултет- Битола, рече дека со проектот ќе ја завршат акредитацијата на факултетската лабораторија, која е единствена во пелагонискиот регион, што ќе им овозможи подобра врска со компаниите, кои ќе може да ги користат резултатите од истражувањата.

Loading...

„Ние аплициравме за акредитација на лабораторија, таа идеја беше стара 10 години, но немавме финансиски средства да ја реализираме. Многу ми е драго што МОН најави дека ваквото финансирање ќе продолжи, затоа што покрај акредитацијата, неопходно ни е и доопремување“, рече Мијаковски.

На панел дискусијата се говореше и за центрите за извонредност како пристап за задржување на младите и надежни научни кадри во земјата, затоа што, како што беше речено, младите не сакаат да живеат во претпоставена иднина, туку сакаат иднината да можат да ја живеат овде и сега.

Интегрално соопштение: Министерство за образование и наука