Мобилната болница во Скопје подготвена за нови пациенти од коронавирусот

Сподели со своите пријатели

Соработката на Министерството за одбрана и Армијата со Министерството за здравство и Град Скопје денес резултираше со целосно поставување на армиската мобилна болница „Role 2“ која Армијата ја подигна за проширување на капацитетите на Инфективната клиника која го згрижува заболените граѓани од COVID-19.

Loading...

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска извршија обиколка на мобилната болница при што го изразија задоволството од ефикасната соработка на институциите.

„Инженерските единици на Армијата, но и тимот во Воено медицинскиот центар на Армијата, покажаа дека се тука кога треба, и веднаш се мобилизираа и обезбедија квалитетен резултат. Тука не запира ангажманот. Како што гледате сега почнува целосното опремување на оваа мобилна болница. Ние се надеваме дека нема да мора да се користат сите капацитети, меѓутоа мора да се обезбедат дополнителни капацитети и тоа најдобро како што е сега во кругот на клиничкиот центар. Оваа варијанта да имате сѐ во непосредна близина на инфективната клиника навистина е квалитетно, добро и ефикасно решение“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Шекеринска го нагласи сојузништвото со НАТО како предност во ситуации како сегашната. „Активирање на таканаречената „Role 2“ мобилна болница, покажува како и во вакви ситуации може да помогне членството и сојузништвото со НАТО земјите членки. Оваа болница и целокупната опрема во неа е практично донација на еден од нашите силни поддржувачи на патот кон членство во НАТО, а тоа е Норвешка, и очекуваме и во следниов период да добиеме дополнителна медицинска поддршка за овој проект. Тоа покажа дека членството во НАТО значи и поддршка тогаш кога најмногу ви е потребно“, истакна министерката заблагодарувајќи се на Кралството Норвешка кое што пред неколку години ја има донирано оваа болница која сега за првпат се активира.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче изрази благодарност до вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и градоначалникот на градот Скопје Петре Шилегов за експресното расчистување на просторот и поставување на мобилната подвижна болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
„Ова беше место каде со години стоеја напуштените бараки на студентскиот дом „Медицинар“. Се расчисти плацот и се обезбеди место, каде што се постави оваа мобилна болница, која ќе има капацитет од 130 кревети. Практично дуплирајќи го капацитетот на Инфективната клиника. Целосната инсталација и ставањето во функција ќе биде во текот на следната недела. Искрено се надеваме дека нема да биде потребна, сега засега, зашто нешто над 50 проценти е пополнет капацитетот на самата клиника. Верувам дека ќе имаме крива на прием на нови пациенти која што ќе биде практично амортизирана од клиниката“, потенцираше министерот Филипче.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја истакна одличната меѓуинституционална соработка помеѓу Министерството за здравство, Министерството за одбрана и Градот Скопје.

Loading...

„Горд сум луѓето од Градот, на луѓето од работната едница од Министерството за здравство и на нашата Армија, кои со натчовечки напори, буквално работејќи и навечер, успеавме најпрво да го расчистиме овој простор кој беше сериозно руиниран и беше децениски проблем овде во Клиничкиот центар, да ја спремиме соодветно подлогата и во рекорден рок да ја ставиме оваа маневарска болница, која по потребите и наодите на здравствените институции може да го зголеми капацитетот за 130 легла, за што искрено се надевам дека никогаш нема да ја ставиме во употреба“, рече тој.

„Најдоброто нешто што можеме да го направиме во овој момент секој од нас поединечно и ние како институции е да ги слушаме советите што доаѓаат од надлежните здравствени институции, пред се од Министерот за здравство, да останеме дома, да внимаваме на социјалната дистанца, да држиме дистанца од 1,5 до 2 метри, со цел како нација, народ и држава успееме да го избегнеме она што се гледа, случува во земји кои не така навремено започнаа со мерки за заштита од пандемијата“, истакна Шилегов.

Интегрално соопштение: Влада на РСМ

Leave a Reply