25.07.2018 10:35

Млади кошаркари ќе ја носат играта на КК Куманово сезонава

loading...

Младинскиот состав на Кошаркарскиот клуб Куманово сезонава ќе биде главен носител на играта во Првата лига.

Откако клубот доби намален буџет од општинта нема повеќе пари за искусни играчи како Марјан Јанески, Никола Караколев, Бобан Стајиќ, Александар Штерјов, дел од нив заминаа во Работнички и Кожув, а ќе заминат и сите останати.

Во неофицијален разговор со дел раководството на клубот ни беше кажано дека овие играчи побарале високи хонорари, и дека за само тројца кошаркари ќе бидат потребни 70.000 евра, пари кои клубот сезонава нема да може да си ги дозволи.

 

 

Алтернатива ќе се бара во младинскиот состав на клубот и неколку млади репрезентативци. Ние прашавме петмина младинци кои изминатите сезони играа за Куманово, но само двајца рекоа дека начелно нешто им било понудено, но се уште ништо официјално. Останатите рекоа дека не биле контактирани, а еден се пожали и дека му должат хонорар за минатата сезона.

Засега официјално е дека промени има во раководството. Александар Крстевски Крсто е нов претседател, кој доаѓа на местото на Младен Давидовиќ кој со години беше првин директор, а потоа и претседател на КК Куманово. Нови членови ќе добие и управниот одбр.

На тренерската позиција ќе остане Александар Петровиќ кој ќе треба да се труди со младинскиот погон да ја истурка сезоната која очигледно нема да биде лесна, со оглед дека останатите клубови во првата лига веќе се засилија со играчи кои имаат долгогодишно искуство.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments