МКФ: Куманово да си го преиспита менаџирањето на клубот

Сподели со своите пријатели

Македонската Кошаркарска Федерација објави соопштение до јавноста, давајќи објаснување за „случајот Мијатовиќ“, кој побара раскин на договорот со Куманово и се врати во МЗТ Скопје Аеродром. Соопштението на МКФ го објавуваме во целост.

Македонската кошаркарска федерација сака да ја информира спортската јавност во врска со последните случувања околу барањето за раскин на договорот помеѓу кошаркарот Данило Мијатовиќ и КК Куманово 2009.

Имено, играчот Данило Мијатовиќ побара раскин на договорот со клубот КК Куманово 2009 АД на 06.03.2017 година. Со барањето, играчот доставил доказ за неисплатена плата (во целост за месец ноември), а два дена подоцна (08.03.2017) доставил дополна на барањето во кое наведува дека не е осигуран од повреди пред почетокот на сезоната, согласно членот 5.4 од договорот.

Потоа КК Куманово 2009 АД на 10.03.2017 година ги достави бараните докази од страна на Регистрациската комисија за извршени уплати кон играчот, а истите ги комплетира на 13.03.2017 година.

До Регистрациската комисија, претставникот на клубот Куманово, Виктор Божиновски, достави документ со кој гарантира дека играчот Данило Мијатовиќ е осигуран од евентуална повреда која може да настане за време на тренинзи или на натпревари. Следеше контрола на истиот документ од страна на Регистрациската комисија при МКФ, побарана од осигурителното друштво каде што се констатира дека тој документ што го поднел Виктор Божиновски не е веродостоен. Играчот не бил осигуран од почетокот на сезоната, како што налага Регистрацискиот правилник при МКФ (член 13), туку неколку дена по поднесеното барање за раскин на договорот од страна на играчот. Полисата за осигурување е обезбедена од страна на Регистрациската комисија и од истата се утврди дека е издадена на 13.03.2017 год.

Исто така беше доставена дополнителна документација до Регистрациската комисија од страна на КК Куманово 2009 односно две поединечни одлуки каде стои дека играчот Данило Мијатовиќ двапати бил казнет со парична глоба од по 50.000 денари поради само за нив познати причини, без притоа да го известат самиот играч. Ова е уште еден доказ на кој начин функционира, а и како се раководи со клубот.

Нејасно ни е како може играч, за кој од раководството на клубот се вели дека е еден од најдобрите поединци, како во домашното првенство така и во Балканската БИБЛ лига, е двапати казнет без притоа да му биде образложено зошто е тоа така.

Следеше жалба до Арбитражната комисија по која жалбата беше одбиена, а одлуката на Регистрациска комисија потврдена.

Кога сме веќе повикани, сакаме да ја изнесеме целата вистина и да не им се дозволува на ваквите луѓе, сопствената вина да ја префрлуваат на други.

Согледувајќи ги сите одлуки на комисиите при Македонската кошаркарска федерација, како и односот на клубот, со жалење мораме да констатираме дека во последниот период клубот, пред сè поради неговата улога во македонската кошарка, не заслужува да биде менаџиран на ваков начин, а кумановската публика како една од најлојалните заслужува да биде целосно информирана за текот на настаните.