Министерот Бектеши на свеченото отпочнување на проектот на американската компанија DURA Automotive Systems

Сподели со своите пријатели

„На мое големо задоволство менаџментот на ‘Дура аутомотив системс’ ги препозна неколкуте клучни придобивки поради кои Македонија е првиот избор за поддршка на нивниот раст во Европа – технички способната работна сила, добрата инфраструктура и силната поддршка за странски инвестиции.  Сето тоа, заедно со остварениот прогрес во евроатланските интеграции, бизнис ориентираната клима и мерките кои ги креиравме со Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестиции се пoказатели дека сме на вистинскиот пат и градиме економија која ќе продуцира нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите, зголемување на извозот и пораст на инвестициите, кон крајната цел – повисок животен стандард и подобар живот за нашите граѓани“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на свеченото отпочнување на проектот на  американската компанија DURA Automotive Systems, која е глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Новата фабрика во Македонија, која се очекува да отпочне со работа за една година, ќе биде нивна 37-ма локација во светот и 16-та локација во Европа.

Министерот Бектеши потенцираше дека компаниите во зоните најмногу придонесуваат во извозот, па во првите пет месеци годинава извезле стоки во вредност од 942 милиони евра, што е раст од 14% во споредба со истиот период лани.

„Увозот од зоните во првото петомесечие од 2018-та изнесувал 805 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од зоните во првите пет месеци годинава е 136 милиони евра. Од друга страна, влезот на ‘Дура’ уверен сум дека ќе значи и зајакната соработка со домашните деловни субјекти, со оние кои можат да одговорат со своите потенцијали за креирање нови производи и услуги и воведување нови технолошки процеси или преку снабдување со суровини, репроматеријали, полупроизводи или готови производи“, порача Бектеши.

 

Loading...

 

Во фабриката, на површина од 16.000 метри квадратни, ќе се произведуваат екстериерни алуминиумски лајсни и кровни носачи за европските производители на автомобили.

Мајк Бекет, потпретседател на „Дура“ истакна: „Во споредба со останатите избори, Скопје има севкупна супериорна оценка и е најдобра по однос на способност на работната сила, ангажман од страна на Владата и веројатно за успешен процес на работа.“ Тој нагласи дека од неколку технолошки центри во Јужна и Северна Америка и Европа „Дура“ развива целосни системи и модели за водечки производители во автомобилската индустрија како „Ауди“, „Фолксваген“…

Според премиерот Зоран Заев, почетокот на изградбата на фабриката на „Дура“ е показател дека Македонија сериозно се позиционира како стабилна и долгорочна дестинација за инвеститорите.

„Неодамнешната покана за членство во НАТО, почетокот на преговори со ЕУ ќе резултираат со уште поголема доверба и нови инвеститори“, рече Заев, потенцирајќи дека членството во НАТО ќе обезбеди сигурност за инвестициите и нивно зголемување во Македонија по примерот на останатите држави како Бугарија и Естонија каде вкупното учество на инвестициите од околу седум проценти во БДП по членството во Алијансата се зголемило на 19,8 проценти, односно 13,5 проценти.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, капацитетот на „Дура“ е деветта американска инвестиција во државава кои овозможуваат 9.500 вработувања. Тој потсети дека 40 проценти од капиталот во зоните е од САД, а изборот на „Дура“ за влез на македонскиот пазар е доказ дека Владата има транспарентна и конкурентна политика за инвеститорите.

Текст и фото: Министерство за економија

Leave a Reply