Министерката Ременски во посета на Прифатниот центар на Табановце

Сподели со своите пријатели

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски во рамките на својата работна посета на Куманово беше и меѓу бегалците во Прифатниот центар на Табановце во исчекување на исходот за бегалската криза од Самитето на ЕУ.

Ременски вели дека ќе бидат направени сите хумани услови за згрижување на бегалците без оглед каков ќе биде исходот на европскиот самит. Според министерката се прават напори да се растерети метежот во кампот во Табановце и дел од бегалците доброволно да бидат пренесени во Винојуг – Гевгелија.

Доброволноста, додаде, моментно е слаба, а деновиве 20-тина лица прифатиле да бидат сместени во транзитниот центар Винојуг. Оваа бројка сигнализира дека е неопходно активирање на сите субјекти тука за да може да се растовари притисокот во Табановце – рече Ташевска-Ременски.

Таа се заблагодари на сите донатори и рече дека сите бегалци ќе добијат топли оброци додека престојуваат во камповите.

Користиме грант од Европската банка за обнова и развој по однос на набавка на храна за цела 2016-та година, така што во голем дел товарот за снабдување со основни и потребни намирници за храна за лицата во транзитните центри ќе ја преземе МТСП без притоа да ги исклучиме сите останати невладини организации кои што донираат храна и се нашле во најтешките моменти, за луѓето кои обезбедуваат грижа за лицата во тразнитните центри, изјави министерката за труд и социјална политика.

Сандра Томовска, одговорно лице во ТЦ Табановце преку МТСП изјави дека дневно на бегалците со невладините организации и Црвениот крст добиваат оброци пет пати на ден и оти здравствената заштита функционира добро во соработка со Црвен крст и Медицинскиот центар од Куманово каде што на дневна основа се транспортирааат бегалци до медицинскиот центар и до клиниката во Скопје.

Најголемиот проблем се минималните услови во кампот, а бегалците најмногу се соочуваат со болести на респираторни органи, а шуга и сипаници нема – изјави Томовска.

Министерката Ташевска-Ременски информираше дека на средба со градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски се договориле за поголем инфраструктурен проект за канализација благодарение на донации од меѓународни организации кој ќе се однесува на селото Табановце и на центарот.

Очекувам дека денеска ќе заврши агонијата на тие 362 лица во смисол на тоа таков е и договорт што го направивме со луѓето, ги почитуваме нивните желби и затоа не реагираме иако е подобро тие да се овде на ТЦ Табановце. Да видиме како ќе заврши самитот и тие тоа го очекуваат со нетрпение, изјави Горан Стојановски од РЦУК.

Во својата агенда Ташевска – Ременски претходно оствари посета на Дневниот центар за лица со посебни потреби, средба со градоначалникот Зоран Дамјановски и новиот директор на Агенцијата за вработување, а подоцна својата работна посета од Табановце ја продолжи во липковскиот крај.