Милевски: Ги користиме ИПА фондовите, потпишани договори за 12 нови проекти

Сподели со своите пријатели

Со 12 грантисти од земјава, Министерството за локална самоуправа денеска потпиша договори за кофинансирање на 12 нови проекти вредни 3,6 милиони евра преку ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка.

Loading...

-Денеска со претставници на граѓанскиот сектор, на општините и на два Центри за развој, Министерството за локална самоуправа потпиша договори за кофинансирање на 12 нови проекти за прекугранична соработка. Вкупната вредност на проектите е 3,6 милиони евра, од кои 337 илјади евра се за кофинансирање. Средствата за кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. На овој начин ние ја преземаме обврската и го покриваме целото кофинансирање наместо апликантите кои што секогаш не се во можност да ги издвојат овие средства за да реализираат добар проект. Ова е услов за да се користат средствата од ИПА Инструментот на Европската Унија и засега оваа наше партнерство функционира добро и дава резултати, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Тој појасни дека осум проекти ќе бидат финансирани од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија во вкупна вредност од 2.7 милиони евра и 4 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Косово во вкупна вредност 900 илјади евра.

– Ако на почетокот најголемиот број апликанти беа од граѓанскиот сектор, радува фактот што сега се повеќе проекти подготвуваат и општините и јавните претпријатија. Денеска договори за кофинансирање ќе потпишеме со 2 граѓански организации, од Македонска Каменица и од Скопје, со 2 јавни претпријатија од Македонска Каменица и од Куманово, како и со општините Карбинци, Берово, Куманово, Штип, Гази Баба, Крива Паланка и со Центрите за развој на Југоисточниот и на Североисточниот плански регион, вели Милевски.

Тој рече дека земјите од регионот преку соработка градат мостови на добрососедство и работат на решавање на заеднички проблеми кои што ги засегаат граѓаните во пограничниот регион.

-Во изминатиот период научивме многу, покажавме дека можеме да реализираме добри проекти како на пример изградба и реновирање на детски градинки, на домови за стари лица, опремување на здравствени установи со нови ехо апарати и апарати за мамографија, обезбедување на енергетска ефикасност на многу јавни објекти и заштеда на електрична енергија, иновативни проекти за заштита на животната средина, проекти за социјална инклузија на лица со попреченост и на маргинализирани групи и многу други, додаде Милевски.

Милевски посочи дека со соседна Бугарија во првиот програмски период 2007-2013 година е постигната маскимална реализација и 100 успешно имплементирани проекти. Во вториот програмски период 2014-2020 успешноста се потврди со 73 нови проекти, во вкупна вредност од 19 милиони евра.

– Програмата со Косово почна да се имплементира подоцна. Во вториот програмски период се потпишани договори за 12 нови проекти во вкупна вредност од 4 милиони евра. Во фаза на подготовка се Програмите за прекугранична соработка со сите соседни земји за наредниот ИПА 3 програмски период 2021-2027 година, за кој што Европската Унија обезбедува нов фонд на средства. Нивното користење ќе зависи од нашите капацитети-на институциите, на општините, на установите, на граѓанските организации, додаде за крај.

Loading...

Leave a Reply