Лицата со оштетен вид за прв пат ќе гласаат самостојно на изборите

Сподели со своите пријатели

Лицата со оштетен вид на претстојните локални избори за прв пат ќе го имаат загарантирано правото за тајност при гласањето, откако со иницијативата на Здружението за промоција и развој на инклузивно општсвто „Инклузива“, успеа да се избори ДИК да обезбеди гласачки ливчиња со Браево писмо.

Во рамките на проектот „Политичко учество на лицата со попреченост“, а под покровителство на УСАИД, вчера се одржа и работилница на која лицата со оштетен вид беа запознаени со процесот на гласање.

– Државната изборна комисија по наша препорака започна со подготовка на шаблон, односно папка на Браево писмо каде што на предната страна ќе го пишува сетона она што го содржи гласачкото ливче, но знаејќи дека поголемиот број од лицата со оштетен вид не го знаат Браевото писмо, побаравме да се изнаје решение и за оние што не го знаат. Папката од каде се бороевите ќе биде со отвори така да лицата со оштетен вид со допир ќе може да избројат и да заокружат за кого сакаат да гласаат, изјави Благица Димитровска од „Инклузива“.

Упатствата се прикачени на веб страната на ДИК, а „Инклузива“ има изготвено и прирачник во аудио верзија. Како што велат од здружението, препорака истовремено е дадена и за лицата со попреченост и оштетен слух, по што се изготвени постери за гласачките места каде сликовито ќе биде претставено како да гласаат овие лица.

– Во следните денови ќе одржиме уште шест работилници во поголемите градови во Република Македонија, но ќе отвориме и бесплатна телефонска линија каде секое лице, од било кој град може да ни се обрати, но и да ги пријави неправилностите на денот на гласањето, вели Димитровска.

Како што велат од „Инклузива“ никаде во македонските институции нема статистика колкав е бројот на лицата со оштетен вид. На глобално ниво, Светската здравствена организација проценува дека 15% од светската популација има оштетен вид.