Левица Куманово: Јавен интерес е граѓаните да имаат достапен превоз во секој период од денот

Сподели со своите пријатели

Граѓаните на општина Куманово останаа ускратени за неколку линии со автобускиот јавен превоз. Наводно одлуката за редуцирање на автобуските линии претходниот состав на Советот на општина Куманово ја донела поради крај на школската година, велат од кумановскиот одбор на партијата Левица.

Според нив, Советот и локалната власт носат одлуки на штета на јавниот интерес, а во интерес на концесионерите кои се правни субјекти со јавни овластувања.

– Би сакале да ги потсетиме дека јавните служби се вршат врз основа на принципот на јавен интерес. Јавен интерес е граѓаните да имаат достапен превоз во секој период од денот. Јавен интерес е граѓаните да имаат средство да отидат на работа и да се вратат од работа, или пак било каде во општината за да ги задоволат нивните потреби и обврски. Јавен интерес е превозните  средства да бидат чисти и уредни. Но за жал реалноста е спротивна, стои во денешното соопштение од партијата.

Левица прашува зошто општината не врши контрола и притисок врз концесионерите во интерес на граѓаните.

– Дали Советот на општина Куманово го застапува јавниот интерес, или пак, интересот на приватната компанија, која (случајно или не) е еден од поголемите донатори во политичката кампања на владеачката партија, прашуваат од Левица.

Сите ови проблеми, како што стои во соопштението, укажуваат на исправноста на нашата заложба за основање на јавно сообраќајно претпријатие во Куманово кое ќе ја врши превозната дејност во општината и ќе биде во стопроцентна сопственост на граѓаните.

Leave a Reply