Кумановскиот музеј ќе го истражува локалитетот Градиште

Сподели со своите пријатели

Со финансиска поддршка од Министерството за култура, стручните екипи од Музејот во Куманово, под координација на Управата за заштита на културното наследство, работат на ископувања на локалитетот Градиште во близина на кумановското селото Младо Нагоричане.

Loading...

На повеќеслојното наоѓалиште се откриени делови од градби, меѓу кои особено се значајни остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 3 до 4 век пр. н.е., чии ѕидови биле премачкани со боен малтер. Пронајдени се и богата декоративна камена пластика и капител од јонски столбови. Поради значајните наоди, археолозите претпоставуваат дека се работи за палата на локален пајонски владетел.

Според некои истражувачи, населбата најверојатно страдала во налетот на келтските племиња во 280/279 г. пр.н.е., по што била обновена, но во поскромен обем.

Резултатите од годинашните ископувања се особено значајни затоа што преку добиените сознанија, кумановскиот регион се вклучува во цивилизацијата која егзистирала во посочениот период во Скопскиот, Овчеполскиот и Јужноморавскиот регион, а чиј развој се следи преку локалитетите Градиште – Кнежје и Кале – Кршевица.

Локалитетот Градиште, Младо Нагоричане е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.