Кумановски мерак во струмички сокак

Сподели со своите пријатели

Утре со почеток во 20:00 часот во гостилницата „Мал парк“, здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст –Струмица“ организира промоција на новата поетска збирка на Иле Наумов – „Боемски блуз“.

Станува збор за перформативна промоција во која интерактивно ќе бидат вклучени многу поети од Струмица, а самиот настан ќе се обиде да ја доближи неговата поезија поблиску до публиката на единствен и уникатен начин, токму преку боемската презентација и одлуката самата промоција да биде со поразличен концепт и за прв пат реализирана во таков алтернативен простор.

Иле Наумов е роден во Куманово, каде живее и твори. Учесник е на многу интернационални и домашни натпревари во сферата на пишаниот збор. Учесник е на Струшките вечери на поезијата во 2015 година и добитник е на многу награди во земјава и странство.

Неговата поезија е особено успешна во Хрватска и Русија. Автор е на многу дела наменети за деца и млади. Автор е на стихозбирките“Боемска рапсодија во црно“ и „Боемски блуз“. Бил учесник на неколку „Роднокрајни поетски средби“ во Струмица организирани од здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“.

Иле Наумов , кумановци го знаат како човек боем, квалитетен лиричар, писател и како текстописец на повеќе детски песни, испеани на фестивалот во Куманово.

Повозрасните се сеќаваат на Иле и како музичар кој ги забавуваше на познатите гитаријади каде одекнуваа неговите тапани.