Општина Куманово и годинава ќе ги поддржи ранливите категории граѓани преку три програми, соопштија денеска одговорните од секторот за социјална, детска и здравствена заштита од општината. Овие програми се усогласуваат со потребите на граѓаните, но ќе бидат во согласност со измените што ги предвидува новиот закон за социјална заштита.
И годинава, стечајните работници ќе користат субвенции за комуналии, за сметка за изнесување смет и потрошена вода. Но, за разлика од претходните години кога бројката на корисници по овој основ изнесуваше околу 1.500 лица, годинава, во првите шест месеци ќе бидат опфатени 120 стечајци.
-На добар дел од претходните корисници решен им е статусот со законот за стечајците, така што тие веќе нема да ги користат овие субвенции, изјави овластениот раководител на секторот, Цоки Ристовски.
Општината ќе трансферира средства за потрошената вода и изнесување на комунален смет до двете јавни претпријатија во Куманово „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, но вкупната сума не смее да надминува 1.200 денари.
Ваква субвенција ќе користат и еднородителските семејства од Куманово. За годинава, одвоени се средства за вкупно 100 семејства. Овие семејства во кои едниот родител е починат или татковството не е признаено беа опфатени со оваа субвенција, лани во август и тогаш бројката корисници по овој основ изнесуваше 78 семејства.
-Општината се обидува согласно своите финансиски можности да им помогне на ранливите категории граѓани, изјави Ристовски.
Годинава, општината ќе одвои 400 илјади денари за еднократна парична помош и помош во натура за најранливите категории кумановци. Овие средства се наменети за семејства чии домови настрадале од елементарни непогоди, пожари, поплави, семејства во кои има болни лица и за чие лекување се потребни средства.
Барање за исплата на еднократна парична помош можат да се поднесуваат два пати годишно, но едно семејство може да добие помош само еднаш во годината.