Кумановец го освои Монблан (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Бобан Стефановски е кумановецот кој ја имал можноста светот да го погледне од највисокиот врво на Алпите, Монблан.

Пред една недела Стефановски се врати од освојувањето на врвот висок 4.810 метри. Освен Монблан, Бобан го искачи и врвот Брајтхорн, кој е висок 4150 метри, и важи за еден од врвовите кои имаат најубав поглед на тој дел од Алпи.

 

Loading...

 

Тој е претседател на ЗПЗП „Козјак 2013“ Куманово, првиот и единствен кумановец што ја поминал Западната македонска трансверзала од Љуботен до Охрид со должина од 250 км. Планинарски водич од 2015 и искусен и активен планинар со богато и долгогодишно искуство.

Сите повисоки врвови во Македонија и регионот му се веќе освоени па својот освојувачки поход го продолжи на Алпите. Ние ја искористивме можноста и разговаравме со Стефановски за неговите импресии од неговата последна авантура.

 

 

КМ: Го погледна светот од птичја перспектива? Какво е чуството?

Бобан: Чувството да се види хоризонтот од таа висина е необично, нешто ново. Алпите се неверојатни планини, огромен масив кој се протега до кај што ти гледа погледот. Чувството е невообичаено и несекојдневно, морам да признам.

КМ: Што те мотивираше да преземеш толку храбар и авантуристички таков чекор?

Бобан: Желбата да го искачам Мон Блан ја имав уште пред некоја година, меѓутоа поради оправдани причини, не успеав да ја реализирам. Самиот факт дека врвот на највисок на Алпите, поим за планинарењето, а и доста опасен, посебно Кулоарот на смртта, се дел од фактите кои ме натераа да го направам овој чекор.

 

Loading...

 

КМ: Колку може да биде опасно? Условите сигурно се сурови.

Бобан: Секое качување на било која планина може да биде потенцијално опасно. А, не пак Алпите, кои се сурови планини. Таму е вечен снег, температурата може да се спушти до – 15/20 во рок од неколку часови. Исто така, постои ризикот од лавини, посебно на стазата од страната на Aiguille Du Midi. Ние го качувавме врвот од рутата Gouter Route, каде најголемата опасност беше Кулоарот на смртта, каде мора да се искачи кулоарот, кој е висок околу 600 метри. Постојано има одрони на камења, посебно преку ден, кога температура се зголемува и мразот попушта, а со тоа и камењата попуштаат и паѓаат. Минатата недела, кога бевме ние, во кампот ни кажаа дека имаше 2 смртни случаи, загинале 2 девојки во  вторник и во среда, а една девојка, која беше блиску до нас во кампот, имаше повреди на лицето од удар на камен. Меѓутоа, за нејзина среќа, а и за наша среќа, не беше кобно за неа.

 

 

КМ: Колку долго траеше искачувањето?

Искачувањето траеше повеќе од 12 часа. Се тргнува од кампот, кој е на висина од 3200 м.н.в. Tette Rousse на полноќ, се качува кулоарот навечер, за кој се потребни околу 2 ипол часа и се стигнува до домот Du Gouter, една прекрасна градба, планинарски дом кој е целосно обложен со лим и наликува на вселенски брод. Од тука до врвот има уште 5 часа. Исто така, за враќање се потребни околу 5-6 часа, со паузи, бидејќи веќе сте уморни, а и треба да се одморите, бидејќи треба да се спуштите пак низ кулоарот, кој си бара фокус и концентрација. Еден погрешен чекор може да биде кобен, еден момент на невнимание, да не го видите каменот кој доаѓа накај вас, исто така може да биде кобен. Околу 14 часови би траело целото искачување и враќање назад во кампот.

 

 

КМ: Имаше ли поддршка од некого и беше ли свесен на ризиците кои ги носи ова искачување затоа што сепак се работи за огромна надмоврска височина и непристапен терен?

Бобан: Имав најголема поддршка од моите најблиски, кои цело време беа покрај мене. Имав поддршка од мојот матичен клуб ЗПЗП „Козјак 2013“ од Куманово, каде што сум и претседател на клубот. Им благодарам на сите што веруваа во мене. Поддршка од фирмата каде што работам, Multi M Consulting, од колегите, како и поддршка од фирмата „Салса“, на која сакам јавно да и се заблагодарам за поддршката.

 

Loading...

 

КМ: Како се подготвуваше за освојувањето на врвот?

Бобан: Реално, вакви искачувања си бараат посебни подготовки, како физички, психички, така и  технички. Си требаат висински тренинзи, тренинзи со тежина, бидејќи се носи доста опрема, а и си треба искуство. Тренинзи на карпа се неизбежни, поради качување на кулоарот. Јас, искрено, немав некое посебно подготвување, бидејќи со години сум на планина секој викенд, а физички активен сум секој ден. Можеби единствено ми требаше повеќе сон последниот период, бидејќи уморот знае во најнезгоден момент да се појави и да те спречи да го реализираш искачувањето. Јас имав среќа.

 

 

КМ: Што беше најголем предизвик и најинтересно за време на оваа авантура?

Бобан: Целото искачување ми беше предизвик. Меѓутоа, најинтересно беше качувањето на Кулоарот на смртта по полноќ, бидејќи ни се погоди полна месечина и имавме прилично светла ноќ. Исто така, самиот поглед од врвот, да го видиш најголемиот планински масив во Европа, а воедно и да стоиш на врвот, е посебно чувство. Втората вечер во кампот исто така беше ведро, меѓутоа, многу постудено, и ноќното небо беше прекрасно. Такво ноќно небо со ѕвезди немав видено досега.

 

 

Loading...

КМ: Што се е потребно од обично планинарство да се премине кон алпинизмот?

Пред се, огромно искуство на планина. После тоа, многу технички тренинзи, физичко и психичко зајакнување, да немаш страв од висина, и секако, огромна самодоверба во самиот себеси. Да си го познаваш телото, да знаеш колку си силен, до кај ти се границите и колку можеш да издржиш и поминеш.

КМ: Кои врвови ги имаш освоено досега?

Бобан: Ги имам искачено трите највисоки врвоти на Балканот по неколку пати – врвот Мусала (2925 м.н.в.) на Рила, врвот Митикас (2918 м.н.в.) на планина Олимп, врвот Вихрен (2918 м.н.в.) на Пирин, како и сите повисоки врвови кај нас, други врвови во Бугарија, Србија и Грција.

 

 

КМ: На што ќе се насочиш во иднина. Можеби некои поголеми предизвици?

Бобан: Да, на поголеми предизвици. Всушност, тоа е и планинарењето, еден начин на освојување на нови и поопасни предизвици. Да одиш во нагорна линија, да се надминуваш себеси освојувајќи потешки и нови предизвици.

КМ: Што ќе им порачаш на нашите читатели кои ја сакаат природата и пред се планините?

Бобан: Би им препорачал да поминуваат повеќе време во природата, да научат да ја почитуваат планината, бидејќи планината секогаш го има последниот збор, без разлика колку сме подготвени. Никогаш да не ја потценуваат и да знаат кога треба да кажат не и да се вратат назад. Исто така, обавезно да ги посетуваат обуките кои ги организираат планинарските клубови, со цел да се едуцираат планинарите за да се избегнат несреќни случки и несакани дејствија.

Leave a Reply