Костурница сè уште чека да и се смилува државата (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Спомен Костурница на паднатите борци од Народноослободителната борба  во Куманово секоја година го посетува барем по еден висок претставник на државната власт под чија ингеренција се наоѓа овој монументален споменик. Положува свежо цвеќе, ќе одржи говор, ќе вети реконструкција и ќе си замине, и така во круг.

Loading...

Имињата беа различни, ветувањата исти, празни и далеку од реализација.

фото: Влада на РСМ (11.10.2019)

Последен во низата кој даде вакво ветување е премиерот Зоран Заев. Во емисијата „Став“ на Телевизија „Плус“ тој рече дека тоа ќе се случи следната година, а до пролет да се заврши конзерваторскиот проект.

Целата реконструкција според премиерот Заев би чинела околу 150.000 евра, што како посочува не е многу за споменик на кој се одржуваат чествувања на значајни државни празници.

– Многу често Куманово за да ги подготви ваквите државни настани го чистеше од спрејови, од графити и слично за да биде навистина достоинствено, но си сака реконструкција и реставрација заедно општината има аплицирано во фондовите на ИПА за прекугранична соработка за да токму на тој потег се направи еден голем амфитеатар, спортски игралишта, терени за да го заживееме целиот простор, тоа ако има некој импакт догодина летото, до тогаш да почнеме да ја конзервираме и реставрираме спомен костурницата, рече Заев.

Loading...
фото: Влада на РСМ

Поранешниот министер за култура, а сегашен Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски истите зборови ги искористи пред нешто повеќе од една година, кој рече дека до следната (односно 2019) спомен обележјето ќе добие нов лик.

– Тие веќе подолг период се во лоша состојба за тоа сме свесни го направивме увидот и денес поради недостаток на адекватна грижа од надлежните институции. Како што сега видовме особено е влошена состојбата на релјефите на конструкцијата на кримтата, мозаичните плочки од пристапните скали и на централното плато. Во исклучителна лоша состојба се и придружните простории. Стручен тим формиран од националниот конзерваторски центар веќе детално ја детектираше состојбата нотирани се сите овие проблеми и тие ќе се решат со проект, за конзервација и реставрација на сите елемент, рече тогашниот министер во мај 2018 година.

фото: архива (мај 2018)

Реконструкција сепак немаше оваа година, а под прашалник останува дали тоа ќе се случи и следната година, со оглед на изборите кои ќе се одржат на пролет.

Loading...

Градоначалникот Максим Димитриевски уште додека ја извршуваше функцијата претседател на Советот на Општина Куманово упати повик до властите да направат реконструкција, но тоа не вроди со плод.

Локалитетот е под надлежност на Министерството за култура и општината нема ингеренции за негова реконструкција, но и покрај тоа локалната самоуправа со сопствени средства неодамна го реконструираше пристапниот пат, го промени осветлувањето, а во неколку наврати со граѓаните го чистеше од графитите кои несовесни кумановци редовно ги оставаат на плочите.

фото: архива

Инаку, Костурница е изградена во 1957 година по повод државниот празник 11–ти Октомври. Дело е на архитектот Коста Зордумис и вајарот Сретен Стојановиќ. Се состои од обелиск и костурници во кои се сместени коските на околу 300 загинати борци во Втората светска војна, меѓу кои и осум народни херои од Куманово и кумановско.

Leave a Reply