Кошаркарите на Куманово го забележаа третиот пораз

Сподели со своите пријатели

Кошаркарите на Куманово вчера го забележаа третиот пораз во домашниот шампионат, откако со резултат 76:70 беа совладани од составот на МЗТ Скопје Аеродром во 8. коло од домашниот шампионат.

Со 5:0 домаќинот го отвори овој натпревар, но за само четири минути игра Куманово успеа да дојде на израмнување со резултат 10:10, за да за кратко направат и разлика од девет поени. Првата четвртина сепак заврши со два поени позитива за кошаркарите на тренерот Петровиќ.

Втората четвртина исто така носеше пресврти во резултатот, што е очекувано кога овие две екипи ги одмеруваат силите на теренот. На полувреме се замина со водство за Куманово од еден поен, односно резултат 39:40.

Третата четвртина кумановци повторно имаа солидна игра, а веќе во завршните 10 минути на паркетот имаа и предност од 57:67. До израмнување дојде по серијата 11:1 за аеродромци на нешто помалку од пет минути игра во кои МЗТ направи целосна пресвртница и со резултат 76:70 го доби Куманово пред својата публика.

Поентер на мечот беше кошаркарот на Куманово Филип Думиќ кој реализираше 21 поен. Зад него во составот на гостинската екипа со 12 на листата стрелци се впиша Лука Петровски, а со поен помалку и капитенот Мирко Ковач.

Кај МЗТ со 13 поени најефикасен беше Лестер Медфорд.

Ова е трет пораз за кумановци кои моментално се наоѓаат на 6. позиција во табелата, по седум одиграни натпревари.

Следниот меч КК Куманово го игра за две недели на домашен терен против составот на Фени Индустри.

Leave a Reply