Кога е пуштена во употреба првата телефонска централа во Куманово?

Сподели со своите пријатели

Во февруари 1962 година во потешнската зграда во Куманово свечено била предадена во употреба новата телефонска централа.

Централата била изработена од домашната фабрика за електро уреди „Никола Тесла“ по системот на “Крозбар“. Имала автомат за директно вклучување во системот на Скопје и можела да работи без пречки и при најлоши временски услови.

Со централата била изградена и осум километри градска подземна кабловска мрежа, која заедно со централата чинела околу 90 милиони динари.

На свеченоста присуствувале тогашниот секретар на Секретаријатот за сообраќај и врски при ИС на Македонија Стојан Косев, директорот на Заедницата на ПТТ претрпијатија на Македонија Ѓоре Дамевски, претседателот на Народниот одбор на Кумановската околија Љубе Јакимовски, организациониот секретар на Околинскиот комитет на СК Чеде Георгиевски, народниот пратеник Перо Менков и други.

На свеченоста за значењето на новата централа говорел претседателот на Управниот одбор на ПТТ Куманово Анастас Анастасовски, кој меѓу другото истакнал дека новата централа има 500 приклучоци за телефон, а по потреба може да прими и до 1600.

Предавањето во употреба на новата централа го извршил претседателот на НО на општината во Куманово, инжинерот Бранко Младеновски.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
 Извор: „Наш весник“ број 8 (четврток, 15 февруари 1962. година)
фото илустрација

Leave a Reply